ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК

Осум врвни велемајстори (ВМ) ќе се борат за првото место во Мадрид, а победникот ќе биде познат на 5 јули, по 14 одиграни кола

Со партиите од првото коло, вчера почна шаховскиот настан на годината, Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен. Осум врвни велемајстори (ВМ) ќе се борат за првото место во Мадрид, а победникот ќе биде познат на 5 јули, а доколку е нерешено за првото место, ќе се игра дополнителен плејоф. Сите учесници имаат шанси да стигнат до посакуваната цел.

Динг Лирен е најсилниот кинески ВМ и еден од 14-те шахисти што некогаш ја минале границата од 2.800 рејтинг-поени. Како највисоко оценет рејтинг-играч, тој го замени Русинот Сергеј Карјакин, откако успеа да го исполни условот, да одигра 30 класични партии пред истекот на рокот, 1 мај. Алиреза Фирузија, француското чудо со иранско потекло, е најсветлата ѕвезда во плејадата млади таленти. Стана ВМ на 14 години и е најмладиот шахист што минал 2.800 рејтинг-поени. Карлсен го смета како следен предизвикувач.

Фабиано Каруана, американскиот ВМ со италијанско потекло, е еден од најискусните во Мадрид, кој победи на Турнирот на кандидатите во 2018 г., а мечот за титулата го загуби од Карлсен по тајбрејкот. Русинот Јан Непомнијашчи, победникот од последниот Турнир на кандидатите 2020-2021, го загуби мечот за светската титула лани од Карлсен, со 3,5-7,5. Само Русинот Василиј Смислов успеал да победи на Турнирот на кандидатите двапати во низа. Дали Јан ќе успее да го повтори подвигот на Смислов од 1956 година?

Ричард Рапорт е најмладиот ВМ на Унгарија, а титулата ја освои на 13 години. Беше трет во Вајк ан Зе, потоа стигна до полуфиналето на првиот Гранпри во Берлин, а победи на реваншот во Белград, за да биде втор во севкупната серија. Американецот Хикару Накамура се пласира на Турнирот победувајќи на Гранпри-серијата во 2022 г. Азербејџанецот Тимур Раџабов, победникот на СК во 2019 г., се повлече од Турнирот за кандидатите во 2020 поради страв од ковид-19. Турнирот беше одложен по првиот дел и продолжи една година подоцна. Предлогот на претседателот на ФИДЕ да му се додели на Раџабов вајлд-карта за настап во 2022 г. беше поддржан од членовите на ФИДЕ. Полскиот вундеркинд Јан Кшиштоф-Дуда, кој стана ВМ на 15 години, сега, на 23 години, е број еден во Полска. Со освојувањето на СК во 2021 г., тој беше непоразен во 18 партии, а го елиминира Карлсен во полуфиналето. Ако Карлсен не сака да ја брани титулата светски првак, тогаш за неа ќе се борат двајцата првопласирани од Мадрид.

Двојки 1. коло: Дуда (2.750) – Рапорт (2.764), Лирен (2.808) – Непомнијашчи (2.788), Каруана (2.783) – Накамура (2.760), Раџабов (2.753) – Фирузија (2.793).