Во финалето, Карлсен по вторпат на турнирот игран преку интернет го совлада Американецот Хикару Накамура

ШАХОВСКА ТУРНЕЈА НА ШАМПИОНИТЕ

Светскиот првак во класичен, забрзан и брз шах, Магнус Карлсен, го освои интернет-турнирот „Ертингс“, првиот настан на годинешната Шаховска турнеја на шампионите, откако го победи со 2,5-1,5 исто така одличниот брзопотезен шахист, Американецот Хикару Накамура во големото финале од четири партии. Карлсен ја доби првата партија со бели фигури, а потоа ремизира во другите три. Ова беше вторпат Карлсен да го победи Накамура на турнирот, кој се играше пет дена преку интернет. Со тоа Карлсен продолжува да доминира во оваа серија на турнири. Откако ги освои трите први едногодишни серии организирани од „Плеј магнус групата“, Норвежанецот ја започна годината со уште една победа на обновената Шаховска турнеја на шампионите, сега организирана во соработка со шаховската интернет-страница „Чес“. Откако ги совлада Алексеј Сарана и Арјун Еригаиси во првите два дена по нокаут-системот, Карлсен го победи Накамура во финалето во првиот дел. Откако Американецот се стекна со право да игра реванш со освојување на вториот дел од турнирот, Карлсен повторно го победи во големото финале.

Карлсен и Накамура одиграа вкупно девет натпревари на овој турнир, а само еден од нив заврши со победник, што, само по себе, зборува за какви силни шахисти во брзопотезен шах станува збор.
Турнирот „Ертингс“ имаше прелиминарни квалификации за да се добијат шест квалификанти што им се придружија на Карлсен и Весли Со во последната фаза од групата еден. Исто така, постоеја квалификации за групата два и групата три. Каруана претходно ја освои дивизијата два, победувајќи го Кинезот Ју Јанги двапати, а Германецот Винсент Кејмер двапати славеше над Индиецот Рамешбабу Прагнананда и ја освои дивизијата три. Последната фаза се играше по двоен елиминациски нокаут, а Карлсен го победи Накамура двапати и стана севкупен победник.
На турнирот играа вкупно 56 шахисти, од кои во третата дивизија 32, во втората 16, а во првата осум шахисти. Годинашнава интернет-турнеја на шампионите има награден фонд од 2.000.000 американски долари, а 235.000 долари беа наменети за турнирот „Ертингс 2023“. Г.И.