Во Шах 960, создаден од поранешниот светски шампион Фишер и кој добива на популарност, фигурите во задниот ред се измешани, што значи дека се бесмислени подготовките поддржани од компјутер, пишува „Ројтерс“. Првиот гранслем-турнир е предвиден за ноември, во Индија, а потоа се планираат и во Германија, САД, Колумбија, Јужна Африка и во Австралија
Шаховскиот великан Магнус Карлсен отвора светска серија турнири во шах во слободен стил, познат и како Шах 960, кој добива на популарност, објави во петокот светскиот шахист број еден, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Норвежанецот Карлсен, петкратен светски шампион во класичен шах, соработува со германскиот претприемач Јан Хенрик Бутнер за да постави нова, ексклузивна турнеја што ќе почне во шаховската велесила Индија, во ноември. Паричната награда за индискиот дел од турнејата ќе биде 500.000 долари, се наведува во заедничката изјава на Карлсен и Бутнер.
– Карлсен, најголемиот светски шахист, и германскиот претприемач Бутнер, кој го иницираше и беше домаќин на настанот, ги поканија најдобрите светски шахисти да станат членови на нивниот новоформиран ексклузивен клуб на шахисти во слободен стил. Во исто време, Карлсен и Бутнер го потврдија почнувањето на светската шаховска гранслем-турнеја во слободен стил, серија од пет турнири годишно на пет континенти – се наведува во заедничката изјава, пренесе „Ројтерс“.
Шах 960, создаден од поранешниот светски шампион Боби Фишер во 1996 година, добива на популарност. Во шахот 960/слободен стил, фигурите во задниот ред се измешани, што значи дека се бесмислени подготовките поддржани од компјутер, кои доведуваат до понекогаш здодевни отворања, пишува „Ројтерс“.
На неодамнешниот турнир учествуваа осум играчи, Карлсен и седум велемајстори избрани од Норвежанецот. Светската шаховска федерација (ФИДЕ) организираше светски првенства во 2019 и 2022 година, а ќе има и годинава, кои се играа во брза контрола на времето, а турнирите во шах во слободен стил ќе се решаваат во стандардна временска контрола (почнувајќи од еден час по играч), пишува „Ројтерс“.
– Во 2025 година следната станица ќе биде Германија, од 7 до 14 февруари. Во моментов се планираат дополнителни гранслем-турнири за летото, есента и за зимата во 2025 година во Њујорк, Картагина (Колумбија) и Кејптаун (Јужна Африка), како и за Австралија во 2026 година. Мојата лична цел за шаховскиот гранслем во слободен стил не е ништо помалку од тоа да го направам комерцијално успешен како иконските спортски настани како АТП за тенис, ПГА за голф и Формула 1 за мотоспорт. Централно место во нашиот пристап е ставањето на играчите во првите редови на нашите напори – објасни Бутнер. Н.М.