Ивановски во последните години неколкупати го подобруваше македонскиот рекорд во маратон, кој во моментов изнесува два часа, осум минути и 26 секунди, а е остварен во шпанскиот град Севилја во февруари годинава. За него маратонската трка претставува и најголем предизвик во досегашната спортска кариера
Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз 2024 полека финишираат. Од шестемина македонски спортисти што беа дел од ови игри, кои, пак, завршуваат утре, остана да се натпреварува уште македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе настапи на денешната маратонска трка. Како што е познато, претходно своите настапи ги завршија пливачот Никола Ѓуретановиќ, стрелачката Анастасија Мојсовска, џудистот Еди Шерифовски, таеквондистката Милијана Рељиќ, која во осминафиналето успеа да ја победи двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија, и борачот Владимир Егоров, кој беше единствениот македонски учесник со обезбедена А-норма и секако најголем адут за освојување медал за Македонија.
Дарио Ивановски е олимписки стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Тој има настапувано на голем број атлетски делници во кариерата, а дебито на маратонските патеки го имаше на Скопскиот маратон во 2020 година, на кој следната година и успеа да мине прв низ целта. Во меѓувреме продолжи да ги подобрува своите времиња, па во последните години неколкупати го подобруваше македонскиот рекорд во маратон, кој во моментов изнесува два часа, осум минути и 26 секунди, а е остварен во шпанскиот град Севилја во февруари годинава. За него маратонската трка, секако, претставува и најголем предизвик во досегашната спортска кариера.
– Спремен сум за настапот за кој се подготвував целиот мој живот. Овие три недели во олимпиското село во Париз одлично ја темпирав формата. Откога го намалив волуменот на тренинзите, кога ги намалив килограмите, мојата форма брзо се зголеми. Oчекувам пласман во првата половина. Сите оние што ќе го гледаат маратонот, да веруваат дека Македонија ќе гледа конкурент на ЛОИ и ќе уживаат заедно со мене, бидејќи целиот свој живот го посветив за да бидам тука и затоа ќе уживам од првиот до последниот истрчан километар на претстојниот маратон – вели атлетичарот Дарио Ивановски.
И неговиот тренер Игор Јакимовски е оптимист пред денешниот настап.
– Конечно стигнавме до нашиот олимписки маратон, за кој 10 сезони трениравме, сонувавме и работевме. Со оглед на фактот што Дарио во Севилја го истрча маратонот за два часа осум минути и 26 секунди, што е подобро време од двата последни олимписки маратона, не очекувам дека тој ќе го оствари најдоброто време, бидејќи јасно е што значи да се трча маратон во летни пеколни услови, а што значи во зимски, кога и се брка олимписката норма, односно обезбедување пласман на ЛОИ. Но познато е и тоа дека олимписките маратони се трчаат пред сѐ за пласман. Јас во овој момент токму тоа го очекувам и аналогно на тоа, добра борба и пласман на патеката, што, пак, ќе произведе и добар резултат на Дарио, односно да истрча во рамките на неговите најдобри можности. Ве уверувам дека Дарио денеска, со почеток во осум часот, ќе даде сѐ од себе на неговиот најзначаен маратон во животот – вели тренерот Јакимовски. Г.И.