Ѓоковиќ е четвртиот тенисер во опен ерата со четири титули по ред на Вимблдон, вкупно седум, откако во финалето го победи Кирјос со 3-1

Србинот Новак Ѓоковиќ четврти пат во низа, вкупно седми, триумфира на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, победувајќи го во финалето Австралиецот Ник Кирјос во четири сета, со 4-6, 6-3, 6-4, 7-6. Ѓоковиќ (35) е четвртиот тенисер во опен ерата (од 1968 година) со четири последователни титули на Вимблдон, со што им се придружи на Роже Федерер, Пит Сампрас и на Бјорн Борг. За Ѓоковиќ, кој нема загубено меч на Вимблдон од 2017 година (тогаш во четврт-финалето) ова беше прва гранслем-титула годинава.
– Вимблдон историски се случуваше во многу важни фази од мојот живот и не е случајно што има таква важност во мојот живот и во кариера. Триумфот е и големо олеснување, со оглед на тоа низ што сѐ поминав годинава. Тоа додава повеќе вредност, значење и повеќе емоции – рече тој.
Според бројот на освоени титули на Вимблдон, Ѓоковиќ се израмни со Американецот Сампрас (во периодот од 1993 до 2000) и со Британецот Вилијам Реншоу (од 1881 до 1889) и има само една титула помалку од рекордните осум на Швајцарецот Федерер. По пет имаат Швеѓанецот Борг и Британецот Лори Доерти. Од првата титула на Федерер на Вимблдон во 2003 година, само Енди Мареј во 2013 и во 2016 година успеа да ја наруши доминацијата на „големата тројка“, со тоа што претходно Марк Филипусис, Енди Родик, Томаш Бердих, Марин Чилиќ, Кевин Андерсон и Матео Беретини ги губеа финалињата од нив. Ѓоковиќ доби многу честитки за големиот триумф на социјалните мрежи и од славни колеги, поранешни тенисер(к)и, како што се легендарниот Род Лејвер, Мартина Навратилова, Били Џин Кинг, Енди Родик, Хуан дел Порто итн. Л.Д.


Убедливо водство во рангирањето за „големи титули“

Новак Ѓоковиќ со триумфот на Вимблдон сега има 21 тениска гранслем-титула, една повеќе од Роже Федерер и една помалку од Рафаел Надал, но вкупно е поуспешен од нив со 64-те „големи титули“, пет повеќе од Надал, 10 од Федерер, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. „Големата титула“ е трофеј на гранслем-турнирите, на финалињата на ATП, мастерс-турнирите од серијата 1.000 или олимписки златен медал во поединечна конкуренција. Ѓоковиќ ја подобри стапката на освоена „голема титула“, со една победа на секои 3,2 одиграни турнири (64/207), Надал има една „голема титула“ на секои 3,4 турнири (59/202), а само уште Федерер со 4,4 (54/240) и Пит Сампрас со 4,9 (30/147) освоиле „голем трофеј“ со стапка поголема од еднаш на пет одиграни турнири.

ГРАНСЛЕМ-ТИТУЛИТЕ НА ЃОКОВИЌ

Австралија опен 9
Ролан Гарос 2
Вимблдон 7
САД опен 3

НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТРОФЕИ
Рафаел Надал 22
Новак Ѓоковиќ 21
Роџер Федерер 20
Пит Сампрас 14

НАЈУСПЕШНИ НА ВИМБЛДОН
Роже Федерер 8
Новак Ѓоковиќ 7
Пит Сампрас 7
Вилијам Реншо 7