Фото: ЕПА

Србинот зад себе ги остави Роџер Федерер (369), Рафаел Надал (314), Џими Конорс (233)…

ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со победата во осминафиналето на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз, остварена по голема и исцрпувачка борба во три сета (3-2) и пет часа игра, против Аргентинецот Франциско Серундоло, всушност стана и тенисер со најмногу поединечни победи на гранслем-турнирите во светот.
Со последната победа над Серундоло, најдобриот светски тенисер ја постигна својата рекордна 370-та победа на овие престижни турнири и со тоа го надмина Швајцарецот Роџер Федерер, кој дотогаш беше на врвот со 369 победи на четирите најголеми тениски турнири во светот. На оваа вечна листа, Шпанецот Рафаел Надал е трет (314), а следуваат Американецот Џими Конорс (233), Андре Агаси (224), Иван Лендл (222), Пит Сампрас (203), Енди Мари (200), Стефан Едберг (178), додека 10-ти е Џон Мекинро (167).
Ѓоковиќ е прв и по бројот на освоени гранслем-турнири, вкупно 24.
– Одамна почнав да ја пишувам мојата спортска историја, сѐ уште сум фокусиран на тоа, не се двоумам јавно да кажам дека ме мотивираат рекордите. Мило ми е што падна уште еден рекорд. Одиме по нови – изјави феноменалниот Ѓоковиќ по триумфот во осминафиналето.
Во денешното четврт-финале (11 ч.), Ѓоковиќ ќе ги одмери силите со Норвежанецот Каспер Руд (рангиран седми во светот). Тоа практично ќе биде реприза од ланското финале на Ролан Гарос, кога Ѓоковиќ славеше со 3-0 во сетови (7-6, 6-3, 7-5). Г.И.