Уметничко досие: Микеланџело Пистолето

ПОВОД: На 11 мај годинава на Микеланџело Пистолето му беше врачено гран при за животно остварување на „Остен биеналето – Скопје“ како на еден од најголемите уметници на денешницата. Според желбата на Пистолето да биде мотив за поврзување и обединување на луѓето и институциите во регионот, чинот на врачување се одржа во Музејот на современата уметност во Белград, како дел од програмата во рамките на неговата самостојна изложба „Превентивен мир“. Наградата – скулптура од Петар Хаџи Бошков, на маестро Пистолето му ја врачи Корнелија Конеска, извршна директорка на „Остен“.

ИНТЕРЕСИ: Микеланџело Пистолето ѝ е многу добро познат не само на професионалната туку и на пошироката јавност како уметник, теоретичар во уметноста, централна фигура во италијанското уметничко движење „Арте повера“, изумител на „Формулата на креацијата“ и основач на „Цитаделарте“.

ЛИЧНА КАРТА: Микеланџело Пистолето е роден во Биела, Италија, во 1933 година. Тој започна да ги изложува своите дела во 1955 година, а веќе во 1960 година ја имаше својата прва самостојна изложба во галеријата „Галатеа“ во Торино. Неговите рани дела се карактеризираат со истражување во автопортретирањето. Од 1961-62 година ги прави првите огледални слики, кои директно ги вклучуваат гледачот и реалното време во делото. Овие дела брзо му донесоа меѓународно признание на Пистолето, што доведе, во 1960-тите, до самостојни изложби во важни галерии и музеи во Европа и во САД. Огледалните слики се основата на неговиот последователен уметнички труд и теоретска мисла.

ДЕЛА: Меѓу 1965-67 година Пистолето продуцираше серија дела со наслов „Минус објекти“, кои се сметаат за фундаментални за раѓањето на „Арте повера“, уметничко движење во кое Пистолето беше анимирачка сила и протагонист. Тој започнува да работи надвор од традиционалните изложбени простори, со првите примери „креативната соработка“ што ја разви во следните децении со спојување уметници од различни дисциплини и различни сектори од општеството. Од 1975-76 година тој презентира циклус од дванаесет последователни изложби, „Ле станце“, во галеријата „Штајн“ во Торино. Ова беше првото од серијата сложени, едногодишни дела наречени „временски континенти“. Други се „Бела година“ (1989) и „Среќна желка“ (1992). Во раните осумдесетти, тој направи серија скулптури од цврст полиуретан, преведени во мермер за неговата самостојна изложба во 1984 година во Форте ди Белведере, Фиренца.

МРАЧНИ СЕРИИ: Од 1985-89 година Пистолето создава серија „мрачни“ серии наречени „Уметност на бедата“. Во текот на 1990-тите, со уметничкиот проект и со создавањето на фондацијата „Цитаделарте“ – Пистолето ја внесе уметноста во активна врска со различни сфери на општеството со намера да инспирира и да произведе одговорна општествена промена.

НАГРАДИ: Во 2003 г. Пистолето го доби „златниот лав“ за животно дело на Биеналето во Венеција. Во 2004 г. Универзитетот во Торино му додели почесна диплома за политички науки. По тој повод, уметникот го објави она што стана најновата фаза од неговото творештво, „Третиот рај“. Во 2007 година во Ерусалим, тој од фондацијата „Волф“ ја доби Наградата за уметност, „за неговата постојано инвентивна кариера како уметник, едукатор и активист, чија немирна интелигенција создаде претпазливи форми на уметност, кои придонесуваат за ново разбирање на светот“.

АКТИВНОСТИ: Во 2010 г. го напиша есејот „Третиот рај“, објавен на италијански, англиски, француски и на германски јазик. Во 2012 г. Пистолето започна да го промовира Денот на повторното раѓање, првиот светски ден на повторното раѓање, кој се слави секоја година на 21 декември со иницијативи што се случуваат низ целиот свет. Во 2013 г. „Лувр“ во Париз беше домаќин на неговата самостојна изложба „Микеланџело Пистолето, година прва – рај на земјата“. Истата година, тој ја доби Наградата од императорот за сликање, во Токио.

ПОЧЕСТИ: Во 2015 г. добива почесна диплома на Универзитет за уметност во Хавана, Куба. Истата година реализира дело од големи димензии, наречено „Преродба“, сместено во паркот на Палатата на нациите во Женева, седиштето на ОН. Во 2021 г. во „Цитаделарте“ беше отворен „Универзитарио“ – изложбен простор во кој уметникот ги презентира своите најнови истражувања, а во декември 2022 година беше објавена неговата најнова книга „Формула на креацијата“, во која тој ги пресликува основните чекори и еволуцијата на целокупната негова уметничка кариера и теоретска рефлексија.