Дуелот Ѓоковиќ – Алкараз, во финалето на местерс-турнирот во Синсинати, АТП го опиша како еден од оние што долго ќе се паметат

ТЕНИС – АТП ГИ ИЗБРА ПЕТТЕ НАЈВОЗБУДЛИВИ ДУЕЛИ ВО 2023 ГОДИНА

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, кој освои три гранслем-турнири и финалниот мастерс-турнир во Торино, ја помина границата од 400 недели на врвот на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), која направи своја листа на најинтересните мечеви што ја обележија годинава на АТП-турнирите, во која главни актери на возбудливи дуели, покрај Ѓоковиќ, беа и Карлос Алкараз, Данил Медведев и Јаник Синер.
АТП го издвои дуелот Ѓоковиќ – Алкараз во финалето на местерс-турнирот во Синсинати, кој го опиша како еден од оние што долго ќе се паметат. Во тој возбудлив дуел Ѓоковиќ спаси меч-топка пред да победи со 5-7, 7-6, 7-6, кој траеше три часа и 49 минути.
– Ѓоковиќ го крена своето ниво на игра со импресивен приказ на физичка издржливост и ментална сила, спасувајќи меч-поен во тајбрејкот во вториот сет, пред да го победи својот помлад ривал и да ја освои својата 39-та мастерс-титула – пишува АТП на својата интернет-страница.
Според АТП, втор најатрактивен дуел е оној што се одигра во Торино, кога домашниот тенисер Јаник Синер, во групата го победи Ѓоковиќ со 2-1 во сетови (7-5, 6-7, 7-6). На третото место е мечот Синер – Алкараз (6-7, 6-4, 6-2) во Мајами, а на четвртото пак е Ѓоковиќ и неговиот дуел со Себастијан Корда во почетокот на сезоната, во кој славеше Ѓоковиќ (6-7, 7-6, 6-4). На петтото место е дуелот Медведев – Александер Зверев одигран во Индијан Велс, а го доби Медведев (6-7, 7-6, 7-5), објави АТП.
АТП најави и листа на највозбудливи мечеви на гранслем-турнирите годинава. Г.И.