Дејан Георгиевски (24), носител на сребро од ЛОИ 2020, утре ќе настапи во тежинската категорија над 80 кг, а најдобрата млада македонска спортистка за 2023 година, Милијана Рељиќ (20), в недела, во категоријата до 67 кг. Финалистите од секоја категорија обезбедуваат пласман на ЛОИ 2024

ТАЕКВОНДО

Најдобриот македонски таеквондист, член на клубот Бутел, носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио одржани во 2021 година, Дејан Георгиевски (24), во тежинската категорија над 80 кг, утре, и најдобрата млада македонска спортистка за 2023 година, членка на клубот Тигри, Милијана Рељиќ (20), во категоријата до 67 кг, в недела, ќе настапат на квалификацискиот турнир во Софија, од кој финалистите од секоја категорија обезбедуваат пласман на ЛОИ.
– Дејан е подготвен за предизвикот, кој го очекува како „остра сабја“. Во Крушево беа завршните базични подготовки, а техничко-тактичките ги направивме во Скопје во нашиот клуб. Ние, всушност, се подготвуваме уште од почетокот на декември, веднаш по завршувањето на серијата Г1-турнири, освен четири-пет дена одмор за новогодишните празници. Очекувам Георгиевски, кој е вистински професионалец, да ја исполни нормата за ЛОИ во Париз и вторпат да биде дел од кремот во светското таеквондо. Според рејтингот што го има и поените што ги има досега освоено, тој е втор носител во својата категорија и во првото коло е слободен. Неофицијално, во второто коло треба да се бори со победникот од дуелот помеѓу претставници на Белорусија и на Шведска, а од другиот косистем најверојатно противник ќе биде Словенец. Како тренер на Дејан и селектор на македонската репрезентација сметам дека и Дејан и Милијана се способни да ја исполнат потребната норма – вели Борче Костовски.

Георгиевски е носител на сребро од ЛОИ 2020, а со претходните настапи на престижните Г1-турнири и успесите што ги постигна покажа дека е во добра форма. На последниот Г1-турнир, во Загреб, тој освои златен медал, како и на претходниот турнир во Тирана, а на турнирот во Белград од истата серија освои сребро. На Г1-турнирот „Скопје опен 2023“ беше втор, а на третите Европски игри (ЕП) во јуни, во Краков (Полска) се закити со сребро. Тој е освојувач на бронза од ЕП (до 21 година) и на злато од сениорското ЕП во 2017-та, потоа бронза од ЕП (до 21 година) во 2018-та, сребро од Медитеранските игри во 2018-та, сребро од ЕП во Сараево во 2020-та…
– Борбите на Милијана се в недела, а мерењето е закажано за утре наутро. Во првото коло, во зависност од ждрепката, таа треба да се бори со претставничка од Хрватска, Италија или од Унгарија. За влез во финалето, секако ќе ѝ требаат три победи, бидејќи само првите две натпреварувачки од секоја категорија од Европа обезбедуваат олимписка норма, а вкупно 16 на ЛОИ по категорија. Рељиќ е максимално подготвена, очекувам успех и пласман на ЛОИ во Париз, иако конкуренцијата ќе биде жестока. Сите мисли и сили сега се насочени токму кон овој турнир – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
Рељиќ лани на ЕП за сениори беше петта, истиот пласман го имаше и на Европските игри, а на ЕП (до 21 година) во Букурешт во декември 2023 година освои бронза. Лани имаше и повеќе медали од престижните Г1-турнири, како на пример во Талин, Анталија, Балкан Г1-купот во Сараево… Г.И.