На овој ден сакаме да ја зајакнеме традицијата почната во претходните години: бараме од членовите на шаховската заедница да научат некого како да игра шах. Да ги направиме нашите прослави навистина големи и да докажеме дека шахот е најиграната игра на светот, пишува ФИДЕ

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ШАХОТ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) вчера го прослави 99-от роденден.
– На овој ден сакаме да ја зајакнеме традицијата почната во претходните години: бараме од членовите на шаховската заедница да научат некого како да игра шах. Колку повеќе толку подобро. Да ги направиме нашите прослави навистина големи и да докажеме дека шахот е најиграната игра на светот – пишува ФИДЕ на својата интернет-страница.
Обединетите нации го прогласија 20 јули за Меѓународен ден на шахот во 1966 година, датумот на кој е формирана ФИДЕ во 1924 година, во Париз (Франција), за време на првата неофицијална шаховска олимпијада. Во 1927 година, ФИДЕ ги организира првата Шаховска олимпијада и првото Светско првенство за жени во Лондон. Во 1950 година, ФИДЕ им ја додели својата прва велемајсторска титула на 27 играчи. Првата официјална рејтинг-листа на ФИДЕ излезе во 1971 година. Во 1999 година, ФИДЕ беше признаена од Интернационалниот олимписки комитет, голема пресвртница во историјата на организацијата, пишува ФИДЕ.
Мотото на ФИДЕ е „Gens una sumus“, што од латински се преведува како „Ние сме едно семејство“, а тоа всушност е одраз на визијата на организацијата за шахот како спорт што ги обединува луѓето од целиот свет. Шахот си го најде своето место и во светот на модерната технологија, кој постојано се менува. Денес, ФИДЕ организира онлајн и хибридни настани и имплементира нови технолошки решенија. Во 2023 година, шахот стана дел од серијата Олимписки е-спортови. Меѓународната шаховска федерација измина долг пат од своите први чекори пред еден век. ФИДЕ денес е со седиште во Швајцарија заедно со другите големи спортски управни тела, опфаќа 199 национални шаховски федерации, што ја прави една од најголемите спортски федерации во светот, пишува ФИДЕ. Н.М.