Во конкуренција на 368 учесници од 38 земји, среброто му припадна на Србинот Сарана, а бронзата на Грузиецот Јобава, кој освои европска бронза и во забрзан шах. Вчера на ЕП 2024 во Скопје беше последниот натпреварувачки ден, со турнирот во т.н. Фишеров шах, кој првпат се игра на едно ЕП
ПОЕДИНЕЧНО КОНТИНЕНТАЛНО ПРВЕНСТВО ВО БРЗ ШАХ ВО СКОПЈЕ
Холандскиот велемајстор (ВМ) Џорден ван Форест (2.599 рејтинг-поени, рангиран 10-ти пред турнирот) е нов европски првак во брз шах (време за размислување три минути, плус две секунди по секој потег). На Европското првенство (ЕП) што се одигра во Скопје, по 13 кола, тој освои 11 поени (девет победи и четири ремија, освои нови 33,6 рејтинг-поени, со перформанс од 2.804 поени).
Покрај златниот медал и победничкиот пехар, на Ван Форест му припадна и паричната награда од 2.500 евра. Ист број поени имаше и второпласираниот, велемајсторот од Србија, Алексеј Сарана (2.689, рангиран прв пред ЕП 2024), но поради послаб дополнителен критериум е втор, а бронзата ја освои велемајсторот од Грузија, Бадур Јобава, кој претходниот ден освои и бронза на ЕП 2024 во забрзан шах.
На континенталното првенство во брз шах во Скопје настапија 386 учесници од 38 држави (57 ВМ, четири ЖВМ, 40 ИМ, четири ЖИМ, 40 ФМ, 4 ЖФМ). Бранителот на титулата од лани во Загреб (Хрватска), ВМ од Чешка, Давид Навара (2.688, второрангиран пред ЕП 2024), го освои 47. место со 8,5 поени.
Членот на ШК Алкалоид, ИМ Филип Панчевски (2.503, 47. пред ЕП) со освоени девет поени (девет победи и четири порази), го освои извонредното 26-то место, со што е најдобар македонски шахист на ЕП. Одличен резултат оствари и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) на ШК Гамбит, Антон Златков (2014, 199-ти), кој со 8,5 поени е на 38-то место со нови 280 рејтинг-поени и перформанс од 2.516 поени. Најдобар македонски шахист во категоријата под 14 години, како и на ЕП во забрзан шах е Никола Радоњани (1.716) со освоени 5,5 поени. Најуспешна шахистка е ИМ од Полска, Александра Малтсевскаја (2.289, 94-та пред ЕП 2024), која вкупно е на 77-то место од вкупно 45 шахистки, со осум поени.
Од другите македонски шахисти поголем голем број рејтинг-поени впишаа Михаел Бурнс (плус 132), Кристијан Кавазов (121), Инџи Ајрадиноска (113), Иван Петровски (104), Елисавета Бурнс (99), ФМ Андреј Велјаноски (79), Павел Крстевски (74), Илијана Велева (72), Матео Ефтовски (63), Арлинд Јонузи (62), Никола Радоњанин (57)…
Вчера на ЕП 2024 во Скопје беше последниот натпреварувачки ден, со турнирот во т.н. Фишеров шах (10 минути, плус пет секунди по секој потег), во 11 кола, кој првпат се игра на едно европско првенство, а беа пријавени 142 учесници од 33 земји (43 ВМ, 4 ЖВМ). Прворангиран беше Словенецот Владимир Федосеев (2.709), кој пред неколку дена победи на ЕП 2024 во забрзан шах. Г.И.