Каратистите на Металург

КАРАТЕ

Во конкуренција на 30 клуба, втор е Ѓорче Петров, а трет Металург

Во салата „Методи Андонов-Ченто“ во скопската населба Маџари, на три борилишта, се одржа 39-то издание на традиционалниот меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, во организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург. На турнирот, кој се одржува во чест на прерано починатиот каратист на Металург, настапија 30 клуба со вкупно 245 борби на татамите во старосните категории петлиња и помлади, пионери, надежи, кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати (поединечно) во различни тежински категории, како и во кати екипно.

Најдобар клуб и наедно најмасовен беше Елди-Кан од Скопје со освоени 16 златни, 13 сребрени и осум бронзени медали. Втор е Ѓорче Петров со 10 златни, три сребрени и две бронзени медали, а трет е Металург со седум златни, четири сребрени и пет бронзени медали. Најдобар натпреварувач во конкуренцијата кадети-јуниори е Рудина Алиу од КК Цветан Димов, а најуспешен во конкуренција на пионери и помлади кадети е ката-тимот на КК Елди-Кан.
– Што се однесува до изборот за најдобрите, ние како домаќини организатори се исклучуваме од конкуренција, што не е најправилно, меѓутоа тоа е резултат од претходните турнири, кога бевме убедливо најдобри и сите пехари остануваа во наша сопственост. Сметам дека бројката од 30 клуба и 245 настапи на татамите е солидна, со оглед на актуелната состојба во КФМ и поделбите што владеат. Металург излезе со млада екипа натпреварувачи од кои во иднина се очекува напредок и постигнување добри резултати и, секако, заземање место во соодветната репрезентација – вели тренерот на Металург, Мирче Јанушевски. Г.И.