Не сфатив колку беше фантастичен тој момент. Тоа е една од оние работи за кои навистина не чувствуваш дека е реална. Најголемиот сон уште од дете ми беше да го соборам светскиот рекорд на ЛОИ и јас успеав, задоволно изјави Дуплантис
СКОК СО СТАП ЗА МАЖИ
Швеѓанецот Арманд Дуплантис (24) го одбрани златниот медал со нов светски рекорд во скок со стап на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз. Тој на стадионот „Стад де Франс“ го освои златото и по деветти пат постави нов светски рекорд, прескокнувајќи шест метри и 25 сантиметри. Дуплантис скокна само на височините од 5,95, шест и 6,10 метри и сите ги прескокна во првиот обид. Потоа ја подигна летвичката на 6,25 метри во обид да го собори светскиот рекорд, што му успеа во третиот обид, на тој начин соборувајќи го сопствениот светски рекорд од 6,24 метри, односно за еден сантиметар. Претходно тој го собори и олимпискиот рекорд, кој изнесуваше 6,07 метри. Американецот Сем Кендрикс го освои среброто (5,95 метри), додека Гркот Емануил Каралис бронзата (5,90 метри).
Дуплантис, првиот спортист што ја задржа титулата во скок со стап на ЛОИ по Американецот Боб Ричардс (1952 и 1956) и Русинката Јелена Исимбаева (2004 и 2008), кои освоија по две олимписки злата (па дури и легендарниот Сергеј Бубка само еднаш беше олимписки првак во 1988 година), трчаше со своите пријатели и семејството откако го собори светскиот рекорд. Потоа тргна по атлетската патека со шведско знаме, додека песната „Dancing Queen“ на поранешната шведска поп-група „АББА“ ечеше од озвучувањето на стадионот – пишува британски „Би-би-си“.
– Не сфатив колку беше фантастичен тој момент. Тоа е една од оние работи за кои навистина не чувствуваш дека е реална. Најголемиот сон уште од дете ми беше да го соборам светскиот рекорд на ЛОИ и јас успеав да го направам тоа. Забавата ќе биде мошне голема – задоволно изјави Дуплантис по победата.
Американецот Сем Кендрикс прескокна 5,95 метри за да го освои среброто, додека Гркот Емануил Каралис ја освои бронзата со скок од 5,90 метри, имајќи најдобра серија.
Париз едноставно беше последната етапа за извонредниот Дуплантис, кој првпат го собори светскиот рекорд во скок со стап во Полска, во февруари 2020 година, кој изнесуваше 6,16 метри. Му требаше само една недела за повторно да го собори рекордот во Глазгов (Шкотска), а подвигот го повтори уште шест пати пред овие ЛОИ. Од големиот Бубка, кој го собори светскиот рекорд во 17 наврати меѓу 1984 и 1994 година, светот на скок со стап не видел некој од неговиот ков, а спортистот роден во Америка ќе стане едно од најголемите имиња на атлетиката. На патот до неговите многубројни рекорди, тој ги воодушеви обожавателите и другите натпреварувачи, а неговите ривали сега на „Стад де Франс“ го бодреа во неговиот обид за нов светски рекорд.
– Можете да видите дека тие се група од браќа, сите се подготвени тој да продолжи. Тие скандираа „Мондо“, затоа што знаат дека ова е најдоброто што некогаш го виделе. Дуплантис во суштина соборува светски рекорди кога сака. Тој собори светски рекорди на СП и ЕП, но ова е Олимпијада. Тој ги сака големите моменти и големите сцени – рече експертката на Би-би-си спорт, Дениз Луис.
А четирикратниот олимписки златен медалист Мајкл Џонсон само додаде:
– Знаете, кога се натпреварува Дуплантис, вие секогаш внимавате на светските рекорди.
И покрај тоа што има само 24 години, Дуплантис има долга историја на поставување најдобри светски резултати почнувајќи од неговото детство. Синот на поранешниот скокач со стап Грег, Американец што повторно се натпреваруваше со Бубка во 1980-тите и 90-тите години, и шведската седмобојка Хелена најпрво постави светски рекорд во категоријата до седум години. Потоа постави светски рекорди во секоја возрасна група до 12 години, а потоа под 17 години, па сѐ до сегашните високи нивоа. Годините што му недостигаат се само во периодот од 14 до 16.
– Тоа беа моите непријатни години. Сè уште бев низок – коментираше Дуплантис.
Не му требаше долго време да го надмине својот татко, прескокнувајќи ја висината од 5,80 метри на 17 години. Тој најпрво го собори светскиот рекорд за сениори на возраст од 20 години, кој го држеше Французинот Рено Лавиление, кој опстојуваше речиси шест години. Поставувајќи нова висина од 6,17 метри во Полска, тој потоа постепено чекор по чекор го подобруваше сопствениот рекорд од по еден сантиметар, односно стигна до 6,25 метри во изминатите четири и пол години. За споредба, претходно беа потребни дури 23 години за рекордот да се движи на исто растојание, од 6,07 метри на Бубка во 1991 до 6,16 метри на Лавиление во 2014 година. А колку повисоко ќе оди Дуплантис останува да видиме, се прашува „Би-би-си“. Г.И.