Во текот на два дена повеќе од четврт милион луѓе се приклучија на настаните, кои можеа да се следат и преку интернет, вклучувајќи ги и шаховската симултанка на заедницата и четвртиот едукативен шаховски самит. „Оваа серија на настани не се однесува само на шахот. Посетителите можеа да видат колку шахот може да биде сестран, забавен и разновиден“, рече Јудит Полгар, најдобрата шахистка во историјата и основачка на Глобалниот шаховски фестивал
Јубилејниот Глобален шаховски фестивал на Јудит Полгар, кој се одржа во Будимпешта за време на 45. Шаховска олимпијада, постави нов рекорд за посетеност. Годинава првиот ден на фестивалот привлече повеќе од 6.000 посетители во Унгарската национална галерија, а во текот на двата дена повеќе од четврт милион луѓе се приклучија на настаните, кои можеа да се следат и преку интернет, вклучувајќи ги и шаховската симултанка на заедницата и четвртиот едукативен шаховски самит, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Публиката имаше можност да се запознае со семејството Полгар и со годинашниот покровител на фестивалот, изумителот на Рубиковата коцка Ерно Рубик, а беше сведок и на револуционерната шаховска партија Полгар против Полгар. Покрај научните, уметничките и програмите поврзани со шахот и шаховската симултанка на заедницата, реномирани личности од шаховскиот свет, унгарската уметничка сцена и спортските шампиони се погрижија посетителите да го напуштат настанот со чувство на инспирација, пишува ФИДЕ.
– Оваа серија на настани не се однесува само на шахот. Годинава подготвивме над 20 програми што ја поттикнаа имагинацијата на секоја возрасна група, од четири до 104 години. Публиката првпат ги виде моите олимписки медали, како и моите омилени шаховски сетови, но и авантурата на програмата Шаховски дворец, каде што ликовите на овој магичен свет оживеаја. Посетителите можеа да видат колку шахот може да биде сестран, забавен и разновиден – рече Јудит Полгар, најдобрата шахистка во историјата и основачка на Глобалниот шаховски фестивал. Г.И.