Поради пандемијата на ковид-19 не е одржан настан, поради што некои веќе ја нарекуваат „најправедна“ трка во спуст во историјата, бидејќи сите ќе стартуваат од нула. Денеска треба да се вози и велеслаломот за жени
ЗОИ ВО ПЕКИНГ
Силниот ветар го одложи вчерашниот машки олимписки спуст на Зимските олимписки игри (ЗОИ) за денеска, кога на програмата е уште една интересна трка, велеслалом за жени, на патеките што се во непосредна близина, на падините на Јанкинг. Поради пандемијата на ковид-19 не е одржан настан, поради што некои веќе ја нарекуваат „најправедна“ трка во спуст во историјата, бидејќи сите ќе стартуваат од нула. Тоа е голема промена од однос на патеките во Светскиот куп (СК), каде што скијачите секоја година возат на познати терени. Олимписката спуст-патека, долга повеќе од три километри, беше завршена кон крајот на 2019 година.
– Ги гледав првите неколку скијачи и си реков, „О, ова е интересно“. Не знаете што и како е на патеката, никогаш не сте биле. Но морате да се концентрирате на скијањето – вели Американецот Брус Бенет, кој победи на спустот во СК во Вал Гардена во декември.
Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал го освои златото во 2018 година и се пензионира, а големи шанси да го наследи му се даваат на сонародникот, Александер Амод Килде, кој е водечки во спуст и во супервелеслалом во СК.
– Ветерот беше силен, ни направи многу проблеми. Штета, затоа што сѐ друго беше добро, времето, снегот, совршена падина. Но мора да бидеме трпеливи и да го дадеме најдоброто – изјави Килде.
Непознатата патека сигурно ќе ја зголеми неизвесноста. Олимписката шампионка во спуст од Игрите во 2018 година, Италијанката Софија Гоџа, смета дека би можело да се фаворизирани оние што побрзо учат и што подобро се приспособуваат.
– Кој е добар во проучувањето на деталите и на нивното меморирање ќе биде во предност – вели Гоџа.
Ветерот му создаде проблеми на алпското скијање и пред четири години на Игрите во Пјонгчанг, кога неколку трки беа одложени и распоредот постојано се менуваше.
– Се случуваат такви работи, такви се условите на планина. За нас овој ден заврши. Може да има трка утре, можеби некој друг ден – вели Норвежанецот Кјетил Јансруд (36), кој е најуспешен меѓу активните скијачи со освоените пет олимписки медали, едно злато и по две сребра и бронзи.
Американката Микаела Шифрин е една од фаворитките за олимписки медал во велеслалом, дисциплина во која се закити со злато во Пјонгчанг во 2018 година. Таа води во генералниот пласман во СК, не беше послабопласирана од петтото место во ниту една трка сезонава и ќе атакува на медал во пет различни трки.
ДЕНЕСКА НА ЗОИ 2022
Девет натпревари за медали: алпско скијање (велеслалом за жени, спуст за мажи), биатлон (жени, поединечно), уметничко лизгање (екипно), сноуборд (мажи, слопстил), скијачки скокови (мешани тимови), брзо лизгање на кратки патеки (жени 500 м, мажи 1.000 м), брзо лизгање (жени, 1.500 м).