Новак Ѓоковиќ нема да игра на турнирот во Њујорк што започнува денеска. Освојувачот на 21 гранслем-титула не може да влезе во САД затоа што не е вакциниран против ковид-19. Американските власти неодамна ги ублажија мерките за ковид-19, но и натаму важи правилото дека сите странски државјани мора да бидат вакцинирани пред да влезат во САД. Во отсуство на Србинот Ѓоковиќ, Шпанецот Рафаел Надал ќе атакува на 23-та гранслем-титула, петта во Њујорк, но ќе има голем ривал во бранителот на титулата, Русинот Данил Медведев.
Кај жените титулата, ќе ја брани Британката Ема Радукану, која лани направи големо изненадување станувајќи прва победничка-квалификантка.

Л.Д.


Тренерите првпат ќе можат да даваат совети

Годинава во Њујорк за првпат во историјата на гранслем-турнирите тенисер(к)ите ќе можат да бидат советувани од тренерите на трибините. Новото правило вели дека тренерите од одредено место ќе можат да им сугерираат на играчите сѐ додека не ја попречуваат играта. Вербалната комуникација ќе биде дозволена само кога играчот е на истиот крај од полето каде што е тренерот и мора да биде ограничена на „неколку збора или кратки фрази“. Но оваа промена не наиде на добар одѕив кај повеќето тениски традиционалисти, кои се убедени дека дел од тенискиот спорт е играчите сами да се снаоѓаат на теренот.

Л.Д.