ФУДБАЛ

Силвио Берлускони, потпомогнат од Адријано Галијани, ја доведе Монца од Серија Ц до Серија А. Но веднаш по пласманот во Серија А, за првпат во 110-годишната клупска историја, Берлускони изјави: „Нашите следни цели се освојување на шампионската титула и квалификување во Лигата на шампионите. Јас сум победник“

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и неговиот поранешен соработник од славните денови на Милан, Адријано Галијани, си обезбедија место и во историјата во Монца, но претседателот и извршниот директор на клубот не се подготвени да застанат тука. Откако со Монца за првпат во 110-годишното постоење се пласираа во Серија А, по само шест кола и по само еден освоен бод, тие му дадоа отказ на тренерот Џовани Стропа и на негово место го ангажираа непознатиот и неискусен, 38-годишен Рафаеле Паладино. Сите сметаа дека Клаудио Раниери, кој го предводеше Лестер до титулата во Премиер-лигата во 2016-та, и новиот шеф на Брајтон, Роберто де Зерби, ќе бидат ангажирани за оваа функција, но Берлускони повторно покажа дека не се плаши да ги прави работите на свој начин.

Монца, која е оддалечена 15 км североисточно од Милано, попозната по тоа што таму се вози трката за Големата награда (ГН) на Италија во Формула 1 (Ф1), сега има и фудбалски тим со големи амбиции, благодарение на милионите евра и контактите што ги има Берлускони, кој како сопственик на Милан, помеѓу 1986 и 2017 година, освои пет титули во Лигата на шампионите (ЛШ) и осум во Серија А. Берлускони, потпомогнат од Галијани, новиот клуб од Серија Ц го доведоа до Серија А.
– Нашите следни цели се освојување на шампионската титула и квалификување во Лигата на шампионите. Јас сум победник – изјави Берлускони веднаш по пласманот во Серија А.

Во летниот преоден рок, Стропа ангажира играчи од висок профил, како што се Армандо Изо од Торино, Пабло Мари од Удинезе, Стефано Сенси од Интер, Матео Песина од Аталанта, Андреа Петања од Наполи и Џанлука Капрари од Хелас Верона.
– Нашиот приоритет беше да ангажираме италијански играчи. На странските вообичаено им требаат неколку месеци за адаптација, а ние сега имаме 15 натпревари за многу краток период. Треба да бидеме подготвени, инаку ризикуваме да компромитираме сѐ што направивме досега – изјави Галијани.

Токму тоа се случуваше. На првите шест натпревари, Монца претрпе пет порази и само еднаш ремизира, а ги имаше најлошиот напад и најлошата одбрана во лигата. Сега задача на Паладино е да ја врати во живот Монца.

Берлускони го назначи Ариго Саки за шеф на Милан во 1987 година, иако тој никогаш нема тренирано клуб во Серија А, а претходно играл само аматерски фудбал. Саки освои осум трофеи во четири сезони со клубот, во Серија А и два во ЛШ. Следуваше слично контроверзно назначување, на почетникот тренер Фабио Капело, кој работеше со младинските тимови на Милан. Во неговиот мандат беа освоени уште четири титули во лигата и уште една во ЛШ. Тврдењето на Берлускони во 1995 година дека тој е „едноставно претприемач што прави чуда“ можеби и не е далеку од вистината.

Паладино отиде во Монца како играч во 2019 година, но поради повредите беше принуден да се пензионира. Тој остана во клубот како тренер на младите играчи до 15 години, потоа до 19 години и сега на сениорскиот тим, со кој не можеше да посака подобро деби, прва историска победа на Монца во Серија А, и тоа над гигантот Јувентус (1-0), на домашен терен.
– Играв пет години под водство на Џан Пјеро Гасперини во Џенова и шест кај Иван Јуриќ во Џенова и во Кротоне, морам да играм како нив. Тоа значи висок интензитет, пресинг, многу трчање и кратки додавања – ја објаснува својата фудбалска филозофија Паладино, кој со селекцијата до 19 години играше во формацијата 3-4-3, но прашање е дали тоа ќе биде можно и во Серија А.

Паладино е млад и амбициозен, добро го познава клубот одвнатре, а Галијани при неговото претставување гарантираше дека „не е привремено решение“. Добриот почеток е ветувачки и ако Берлускони не го изгубил чувството при изборот на најнеочекуваните луѓе за најтешките задачи, Паладино и Монца можеби започнаа да го пишуваат следното поглавје од успешната фудбалска приказна. Л.Д.