Ова прво учество на Алкалоид на светски екипен сениорски шампионат е нов мотив и предизвик, желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и вкупната спортска јавност ќе се гордеат
ШАХ
Најсилното натпреварување за сениори/ветерани во светот, чија организација од Светската шаховска организација (ФИДЕ) ѝ е доделена на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), ќе се одржи од понеделник до 29 септември, во хотелот „Изгрев“ во Струга. Во согласност со турнирскиот правилник, на СП имаат право да учествуваат репрезентации и шаховски клубови, а предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја. Македонскиот лидер и најуспешен клуб Алкалоид го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, со просечен рејтинг на екипата, а се пресметува просекот на првите четири играчи, од 2.436. Во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори и долгогодишни членови на клубот, кои се и долгогодишни носители и на државната репрезентација.
Тоа се шахисти мошне добро познати за спортската јавност, кои дале исклучителен придонес во развојот и резултатите на македонскиот шах, а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на националната репрезентација на многу шаховски олимпијади, европски и државни екипни првенства. Како долгогодишни членови на алкалоидовата екипа се носители на 25 екипни шампионски титули, од кои 11 се во низа, вклучувајќи и годинашната.
Алкалоид важи за еден од најпознатите европски шаховски клубови, континуирано под спонзорство на фармацевтскиот гигант над четири децении, европски шампион од 2016 година и вицешампион од 2017 година, за кој настапуваа врвни шаховски велемајстори, вклучувајќи го и актуелниот светски шаховски шампион Динг Лирен од Кина.
Ова прво учество на Алкалоид на светски екипен сениорски шампионат е нов мотив и предизвик, желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и вкупната спортска јавност ќе се гордеат. Познавајќи ги аналитичкиот и победничкиот дух на овој наш шаховски гигант, да му посакаме среќа, а сигурни сме дека екипата ќе ги вложи сите напори за да ја оствари поставената цел за овој турнир, освојување на еден од медалите, велат од ШК Алкалоид.
Конкуренцијата на турнирот според пријавените екипи и состави ќе биде силна. Анализата на екипите и играчите, особено за првите три места покажува дека за првите три места во потесен круг ќе се борат шест екипи, кои се рангирани и според просечниот рејтинг на првите четири табли, но и според играчите. САД (2.549) се главен фаворит, во своите редови го имаат ВМ Владимир Акопјан (највисок рејтинг 2.713 во 2008 година, своевремено во светската елита на врвни 10, неколкукратен светски јуниорски шампион, носител на златен олимписки медал), со рејтинг 2.602 (роден и многу години настапуваше за репрезентацијата на Ерменија), кој во 2003 играше за Алкалоид на Европскиот клупски куп и освои пет поени од шест партии и злато на првата табла за најдобар резултат. Комплетната екипа на САД е составена од мошне силни ВМ, како што се Грегори Каиданов, Јан Елвест, Александар Шабалов, Игор Новиков, кои се родени и претходно настапувале за други држави.
Англија важи за втор фаворит (2.467), на чија прва табла е ВМ Мајкл Адамс (во периодот 2000-2002 меѓу врвните пет во светот, а највисок рејтинг имал 2.761 во 2013 година, поранешен светски јуниорски шампион, многу години лидер на англиската репрезентација), со рејтинг 2.662. И другите членови на екипата се ВМ, кои порано важеле за доста силни. Италија (2.438) е во групата репрезентации со Исланд и со Алкалоид, кои според почетното рангирање се со приближно ист просечен рејтинг. Предводена од искусните Давид Алберто и Микеле Годена, но и другите членови се со изедначена снага и секако ќе бидат предизвик на конкурентите за медал. Исланд (2.435) го предводат ВМ Хелги Олафсон и Јохан Хјартарсон, но и другите тројца ВМ се со големо искуство од многу турнири. Црна Гора (2.346), предводена од ВМ Небојша Никчевиќ (2.358) и со многу хомогена екипа од други четири интернационални мајстори (ИМ), вклучувајќи го и ИМ Богдан Подлесник, кој настапи и на тукушто завршеното Екипно првенство на Македонија.
СП ќе биде мошне интересно за следење, па сосема е разбирливо што македонската шаховска јавност со нетрпение го чека почетокот на ова натпреварување на кое ќе навива за своите шахисти, и тоа екипата составена од членови на македонскиот Национален сојуз на слепи шахисти, а особено во борбата за медал ќе го бодри својот миленик, екипата на Алкалоид. Г.И.
ШК АЛКАЛОИД, СОСТАВ
ВМ Кирил Георгиев, (највисок рејтинг 2.725 во брз шах) светски јуниорски шампион, еден од ретките што во меч го победил поранешниот светски шампион Гари Каспаров.
ВМ Тајко Недев, трикратен државен шампион, освојувач на сребро за поединечен резултат на екипно ЕП 2003, поранешен член и селектор на македонската репрезентација.
ВМ Влатко Богдановски, седумкратен државен првак, многу години столб на државната репрезентација, поранешен репрезентативец на машката, а потоа и селектор на женската сениорска репрезентација.
ВМ Звонко Станојоски, шестократен и актуелен државен првак, лидер и прва табла на македонската репрезентација на Шаховската олимпијада (ШО) во 2022 година.
ВМ Роландо Кутиров, двократен државен шампион, поранешен член, а потоа и селектор на државната репрезентација.
ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, двократен државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на ШО 2000, поранешен член, а потоа и селектор на машката сениорска репрезентација.