На овој џудо-камп учествуваат околу 80 џудисти од осум држави: Кипар, Израел, Молдавија, БиХ, Албанија, Англија, Грција и домаќинот Македонија, вели спортскиот директор на македонската репрезентација, Дејан Мицкоски
ЗАВРШИ ЕВРОПСКИОТ ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ
Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) изминатиот викенд успешно го организираше вториот по ред европски јуниорски џудо-куп „Скопје 2024“, кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Во мошне силна конкуренција, вкупно 17 земји освоија медали, а најуспешни репрезентации на Купот по бројот на златните медали се Грузија и Србија, кои се закитија со по три злата, а потоа следуваат Хрватска и Молдавија со по две. Македонија освои еден медал, и тоа бронзен, што е прв по 2018 година во оваа конкуренција. За тоа се погрижи членката на ЏК Миоки од Скопје, Борјана Поп Атанасова (тежинска категорија над 78 кг), на првиот натпреварувачки ден. Од другите македонски претставници, Ана Марија Стојмиловска (до 48 кг) заврши како седмопласирана.
– По завршувањето на Европскиот јуниорски џудо-куп, активностите од вчера продолжуваат со организацијата на тридневен џудо-камп исто така во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје. Тренинзите на кампот дневно се одвиваат во два термина, и тоа утрински тренинг од девет до 11 часот и попладневен од 17 до 19 часот. На овој џудо-камп учествуваат околу 80 џудисти од осум држави: Кипар, Израел, Молдавија, БиХ, Албанија, Англија, Грција и домаќинот Македонија. Со тренинзите раководат стручните лица од организаторот ЏФМ, во соработка со колегите од другите држави учеснички – појаснува спортскиот директор на македонската џудо-репрезентација, Дејан Мицкоски.
Во СЦ „Јане Сандански“ во седум тежински категории, конкуренцијата на завршениот европски јуниорски џудо-куп беше мошне силна, настапија натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 беа џудисти, а 106 џудистки или вкупно 269. Македонија имаше 19 претставници од кои 10 во машка и девет во женска конкуренција, предводени од селекторот Александар Фузевски.
– Со оглед на фактот што овој Европски јуниорски џудо-куп беше со многу висок квалитет, поголемиот број натпреварувачи беа со повисок ранг на ниво на Светската џудо-федерација (ИЏФ), задоволен сум што е освоен еден бронзен медал. Имавме и други фаворити за медали, но, за жал, ждрепката си го направи своето, дел од нив добија силни противници уште во првото коло, по што беа елиминирани и според правилата за натпреварување не добија втора можност. Другиот дел помлади репрезентативци акумулираа искуство и за нив ова треба да претставува уште поголем поттик за во иднина полека да го трасираат патот за повисок ранг на натпреварувања – вели Мицкоски. Г.И.
Освојувачи на медали
ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Грузија 3 4 8
Србија 3 – 4
Хрватска 2 2 2
Молдавија 2 – –
Бугарија 1 1 1
Словачка 1 1 –
Албанија 1 – –
Холандија 1 – –
Словенија – 2 1
Грција – 1 2
Црна Гора – 1 1
Турција – 1 –
В. Британија – – 4
БиХ – – 2
Косово – – 2
Македонија – – 1