Грег Радерфорд во 2012 година го освои златото на ЛОИ во Лондон, а сега сака со тимот на Велика Британија да освои медал во боб на ЗОИ в година во Пекинг. Само еден спортист освои златни медали и на ЛОИ и на ЗОИ, а уште четворица други освоиле олимписки медали на летни и на зимски Игри

Поранешниот атлетичар Грег Радерфорд тајно тренира со сос­тавот на Велика Британија во боб, за да стане првиот Британец што освоил олимписки медали на летни (ЛОИ) и на зимски олим­пис­ки игри (ЗОИ), пишува британ­ски­от дневен весник „Гардијан“.
Поминаа три години откако Ра­дер­форд (34), олимпискиот шам­пи­он во скок во далечина на ЛОИ во Лон­дон во 2012 година, престана да се натпреварува, но се врати на тренинзите минатата година и се при­клучи на боб-тимот на Велика Британија. Она што ја прави при­каз­ната на Радерфорд уште позабе­лежителна е тоа што тој никогаш порано не седнал во боб-санка. Но следниот месец тој треба да присус­твува на тренин­зите во Гибралтар во пресрет на Зимските олимписки иг­­ри во Пе­кинг во февруари в година.
– Се враќам и имам намера да напишам историја. Знам дека по­веќето луѓе веруваат дека е невоз­можно во некој спорт да се почне од нула и да се освои олимписки медал за помалку од една година. Но не се согласувам.

Не го правам ова само за да го освојам 25-то место. Имам намера да тренирам неверојатно напорно, да влезам во тимот, а потоа да освојам медал. И ако ја добиеме вистинската санка и имаме совршена трка, сѐ е мож­но. Дури и злато – вели Радер­форд.
Само еден спортист, Еди Иган од САД, освои златни медали на ЛОИ и на ЗОИ, како боксер во тешка категорија во Антверпен во 1920 година и во боб-четирисед во Лејк Плесид во 1932 година. Само уште четворица други освоиле олим­­писки медали на ЛОИ и на ЗОИ, и тоа Јакоб Тулин Тамс (злато во скијачки скокови во 1924 година и сребро во едрење во 1936-та), Кри­с­та Лудинг-Ротенбургер (злато во брзо лизгање во 1984 и во 1988 и среб­ро во велосипедизам на патека во 1988), Клара Хјуз (две бронзи во друм­ски велосипедизам во 1996 година и злато, сребро и две бронзи во брзо лизгање од 2002 до 2010 го­ди­на) и Лорин Вилијамс (злато во 2012 и сребро во 2004 година во атлетика и сребро во боб во 2014 година).