Во воведното коло кај мажите само шпанска Валенсија и исландски Селфос остварија максимални победи со по 6-0, а од македонските клубови најмногу освоија Гамбит Асеко СЕЕ (5,5) и Алкалоид (пет)

ШАХ – ПО 1. КОЛО НА ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП ВО СТРУГА

Во Струга почна Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах, во седум кола, а фаворитите за највисок пласман и во машка и во женска конкуренција ги покажаа своите амбиции уште во првото коло. Македонија на овој ЕКК ја претставуваат вкупно седум екипи, од кои четири (Алкалоид, Гамбит Асеко СЕЕ, Прилеп и Гостивар) во машка и три во женска конкуренција (Алкалоид, МШК Центар и Куманово).
По почетното коло на Европскиот клупски куп, македонските машки екипи (се игра на по шест табли) забележаа три победи и еден пораз и собраа вкупно 15 поени од можни 24, а женските тимови (играат на по четири табли) остварија една победа и два пораза со освоени 5,5 поени од можни 12. Македонскиот дуел помеѓу МШК Центар и Куманово им припадна на кумановки со 2,5-1,5.
Во ова коло кај мажите само шпанска Валенсија и исландски Селфос остварија максимални победи со по 6-0, а од македонските клубови Гамбит Асеко СЕЕ освои 5,5 поени, Алкалоид, кој е прворангиран пред турнирот, освои пет, а Прилеп четири поени.
Кај дамите ниту една екипа немаше максимална победа. Највисоката ја забележа Јужен Урал од Русија со 3-1, а дербито помеѓу Монте Карло и украински ГРЕКО заврши 2-2 со четири ремија.
Во второто коло (вчера) кај мажите Алкалоид играше против српски Словен Рума (рангиран 10-ти пред почетокот на Европскиот клупски куп), Гамбит Асеко СЕЕ (16-ти) со израелски Бер Шева (седми), Прилеп (17-ти) со норвешки Оферспил (осми) и Гостивар (31.) со исландски Рејкјавик (22.). Кај шахистките Куманово (осми) против австриски Баден (шести), а Алкалоид (четврти) против МШК Центар (петти).

На ЕКК во Струга само светскиот првак Магнус Карлсен (Оферспил) е со рејтинг над 2.800 поени (има 2.885), а осуммина имаат рејтинг над 7.000 поени, и тоа Александар Гришчук (2.775), Шахријар Мамеѓаров (2.762), Пентала Харикришна (2.725), Андреј Есипенко (2.720), Сем Шакланд (2.720), Данил Дубов (2.714), Владмир Федосеев (2.708) и Петер Свидлер (2.701), од кои само првите двајца сега се меѓу десетте врвни во светот, Карлсен (прв) и Гришчук (осми).
На Европскиот клупски куп кај шахистите се пријавени 38 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а кај шахистките осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ). Актуелниот светски шаховски првак Карлсен се очекуваше вчера попладне да пристигне во Струга и не беше пријавен за настап во второто коло.
Првиот потег на турнирот во Струга го одигра претседателот на Европската шаховска унија (ЕКУ), Грузиецот Зураб Азмајпарашви, во партијата помеѓу Мамеѓаров (Алкалоид) и Шмит (Лундс).