Додека имам сила и желба, ќе се обидувам. Не сакам да се откажам. Барам победа, само една, а потоа ќе се пензионирам, вели италијанскиот тенисер Бекуци (47), кој зад себе има 270 загубени меча

Италијанскиот тенисер Енрико Бекуци (47), кој 26 години учествува на турнири, се обидува да го исполни својот сон, да победи, да освои бодови и со тоа да влезе на АТП-листата, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ на својата интернет-страница. Сепак, до денес тој не успеал и има зад себе 270 загубени меча, вклучувајќи го и тој на 16 декември, на турнирот во Турција, по што тениската сезона беше прекината поради пандемијата на коронавирусот.

Приказната за овој италијански тенисер роден во Пиза е толку возбудлива што се најде на страниците на „Волстрит журнал“, со наслов „Легендата за тенискиот предизвикувач“, во која економскиот весник ја раскажа приказната на овој тенисер, кој патувал низ целиот свет за да се обиде да добие позиција на АТП-листата. И покрај своите неуспеси, Бекуци продолжува незапирливо да се натпреварува.

– Тенис почнав да играм доцна, кога имав девет години, кога татко ми ми даде дрвен рекет. Тој ме однесе на теренот за да можам да научам да ја удрам топката. Од тој момент се вљубив во тенисот. Пораснав гледајќи во четворицата мускетари од 1980-тите години, Иван Лендл, Џон Мекинро, Матс Виландер и Џими Конорс, сѐ до генијалецот Гиљермо Вилас. Доцна почнав и да се натпреварувам, на 21 година. Нема возраст кога е во прашање исполнување на сонот. Во 2003 година на турнир во Софија речиси победив во еден меч. Додека имам сила и желба, ќе се обидувам. Не сакам да се откажам. Барам победа, само една, а потоа ќе се пензионирам – вели Бекуци.