ФУДБАЛ – ЛШ НА СЕВЕРНА АМЕРИКА
ФК Лос Анџелес на Ока Николов ќе игра за континенталната титула

ФК Лос Анџелес вторпат се пласира во финалето на фудбалската Лига на шампионите на Северна Америка, откако во американското полуфинале ја победи Филаделфија во реваншот од полуфиналето со 3-0 дома и со вкупен резултат 4-1.
ФК Лос Анџелес, каде што тренер на голманите е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов, во финалето ќе игра со подобриот од мечот помеѓу мексиканските Леон и УАНЛ (првиот меч 2-1 за УАНЛ, реваншот се играше синоќа).
Финалето се игра во два меча, ФК Лос Анџелес, кој треба да гостува во првиот дуел за титулата, вторпат ќе игра во финалето на Лигата на шампионите на Северна Америка, откако претходно настапи во 2020 година. Лани Сиетл (САД) ја освои титулата.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Објавени нови членови на Куќата на славните

Рио Фердинанд и Петр Чех се најновите членови на Куќата на славните во англиската фудбалска Премиер-лига.
Фердинанд, поранешен дефанзивец на Вест хем, Лидс и на Манчестер јунајтед, и Чех, порано голман на Челси и на Арсенал, беа избрани од навивачите низ светот преку јавно гласање преку интернет, како и од панелот за награди на англиската Премиер-лига, од потесниот список од 15 фудбалери.
Тие се двајца од тројцата фудбалери што неделава ќе бидат примени во Куќата на славните на Премиер-лигата, а третиот требаше да биде објавен вчера доцна попладне.
Претходно во Куќата на славните беа примени фудбалерите Алан Ширер, Тиери Анри, Ерик Кантона, Рој Кин, Франк Лампард, Денис Бергкамп, Стивен Џерард, Дејвид Бекам, Вејн Руни, Патрик Виера, Серхио Агуеро, Дидие Дрогба, Винсен Компани, Петер Шмајхел, Пол Сколс и Јан Рајт, како и тренерите Арсен Венгер и Алекс Фергусон.


Спектакуларен пораст на посетеноста на ЛШ за фудбалерки

Нема подобар показател дека Лигата на шампиони (ЛШ) за фудбалерки ја освојува јавноста од спектакуларниот пораст на посетеноста сезонава, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Три од најголемите посетености во историјата на ЛШ за фудбалерки беа на натпреварите сезонава. Просечната посетеност сезонава е 10.800 гледачи, лани беше 9.043, во сезоната 2018/2019 имаше во просек по 5.000 гледачи… Најмногу гледачи, 72.262, сезонава имаше на реваншот од полуфиналето Барселона – Челси, потоа 60.063 на мечот Арсенал – Волфсбург (полуфинале, реванш), 54.667 за Барселона – Рома (четврт-финале, реванш), 46.967 за Барселона – Баерн (групна фаза) итн.
– ЛШ за жени поставува нови стандарди, не само за европскиот женски клупски фудбал туку и за женскиот клупски спорт низ светот. Следејќи го рекордното Европско првенство во Англија, гледачите доаѓаат за да ги видат ѕвездите на овој спорт во клупска акција, а во ЛШ, она што некогаш беше новина, со тимовите што ги користат главните стадиони за еднократна голема пригода, сега е речиси норма и отиде од стремеж кон речиси очекување. Сега можеме да го очекуваме она што ќе биде распродадено финале на ЛШ во Ајндховен со многу гледачи и од странство – вели Надин Кеслер, управната директорка на УЕФА за женски фудбал.
Најмногу публика на сите времиња во ЛШ за жени, 91.648, имаше на мечот Барселона – Волфсбург (прво полуфинале, сезона 2021/2022), а потоа 91.553 за Барселона – Реал М. (реванш четврт-финале, 2021/2022), па три меча од сезонава, 72.262 за Барселона – Челси, 60.063 за Арсенал – Волфсбург и 54.667 за Барселона – Рома, 50.212 за Лион – Франкфурт (финале, 2011/2012, Минхен)…


КОШАРКА – ЕВРОЛИГА

Неизвесна трка за пласман на фајналфор-турнирот

Во кошаркарската Евролига по три меча на два дуела резултатот е 2-1 во победи, во трката за пласман на фајналфор-турнирот во Каунас (Литванија). Реал Мадрид победи со 82-80 во првиот меч во Белград против Партизан и намали на 1-2 во серијата што се игра до три победи. Четвртиот натпревар помеѓу двата тима е закажан за денеска, одново во Белград. Монако победи на гости кај Макаби со 83-78 и поведе со 2-1, пред денешниот нов дуел во Тел Авив. Синоќа играа Жалгирис – Барселона (по првите два меча 0-2) и Фенербахче – Олимпијакос (1-1).


КОШАРКА – НБА

ЛА лејкерс поведе по победата на гости кај шампионот

Лос Анџелес лејкерс ја анулира предноста на домашниот терен на актуелниот првак Голден стејт со победата на гости со 117-112 во првиот меч од второто коло на плејофот во кошаркарската НБА-лига. ЛА лејкерс, кој во плејофот се пласира од квалификациите, води со 1-0 (се игра до четири победи). И вториот меч е во Сан Франциско, утре. Њујорк израмни во дуелите со Мајами на 1-1, рано утринава на програмата беше дуелот Бостон – Филаделфија (0-1), а серијата помеѓу Денвер и Феникс (Денвер води со 2-0) продолжува в сабота.