ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР САД ОПЕН
Неверојатен пат до финалето на тинејџерските тениски сензации

Британката Ема Радукану (18 години, 150-та на ВТА-листата) и Канаѓанката Лејла Фернандез (19 години, 73-та на ВТА) се тинејџерските тениски сензации што испишаа историја на годинешниот гранслем-турнир САД опен, стигнувајќи до финалето на турнирот во Њујорк, и станаа првите тинејџери што ќе играат во финале на гранслем-турнир по 1999 година, кога на САД опен Серена Вилијамс, како 17-годишна девојка, ја победи Мартина Хингис, која тогаш имаше 18 години (со 16 години и 117 дена Хингис во 1997 стана најмладата освојувачка на гранслем-турнир, Австралија опен). Спектакуларното тинејџерско финале е закажано за денеска, од 22 часот по средноевропско време.
Особено е сензационален успехот на Радукану, која својот пат на САД опен го почна во квалификациите и стана прва во историјата, вклучувајќи и во машкиот тенис, која од квалификациите стигна до финале на еден гранслем-турнир. Радукану во финалето се пласира откако победи на девет меча во низа, од кои три во квалификациите и шест на главниот турнир, и тоа без ниту еден загубен сет (и без т.н. тајбрејк во ниту еден од тие 18 сета). Фасцинантен е успехот и на 19-годишната Фернандез, која на патот до финалето победи две поранешни светски тенисерки број еден, Наоми Осака и Анжелик Кербер. Та.Д.


ФУДБАЛ – РЕКОРДИ
Меси го надмина Пеле, а Нејмар ги претрка Ромарио и Зико

Лионел Меси (34) постигна три гола во победата на Аргентина, со 3-0, на мечот со Боливија, во Буенос Аирес, во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар. Со тоа Меси го собори рекордот според бројот на постигнати голови за репрезентации од Јужна Америка, кој беше во сопственост на славниот Бразилец Пеле. Меси сега има 79 гола на 153 меча за Аргентина, а Пеле има 77 погодока на 92 меча за Бразил. Најдобриот светски стрелец засега е Португалецот Кристијано Роналдо, со 111 гола.
Во победата на Бразил на мечот со Перу, со 2-0, Нејмар постигна еден гол и постави рекорд во репрезентацијата. Тој со вкупно 12 погодока ги надмина Ромарио и Зико, како досега најдобри стрелци на Бразил во квалификации за светските првенства, и сега има вкупно 69 гола на 113 натпревари за Бразил. На табелата, по девет кола, води Бразил со 24 бода (од осум меча), а потоа следуваат Аргентина со 18 (од осум средби), Уругвај со 15, Еквадор и Колумбија по 13, Парагвај 11, Перу 8, Чиле 7, Боливија 6, Венецуела 4. Г.И.


АТЛЕТИКА – ДИЈАМАНТСКА ЛИГА
Многу возбудувања, интересни натпревари, нови рекорди

Со атлетскиот митинг во Цирих, Швајцарија, заврши Дијамантската лига во атлетика, која и годинава донесе многу возбудувања, интересни натпревари и нови рекорди, а се познати и победниците во секоја дисциплина. Така, Кили Хочкинсон (19), младата британска тинејџерка, ја освои титулата на 800 метри. Таа се покажа посилна од поискусните ривалки. Елејн Томпсон-Хера од Јамајка триумфира на 100 метри (10,65 секунди), но не го собори 33 години стариот светски рекорд на Американката Флоренс Грифит-Џојнер (10,49). Во скок со стап, Дијамантската лига ја освои Русинката Анжелика Сидорова, која стана само трета жена во историјата што прескокнала пет метри (5,01), а втора на вечната листа, по сонародничката Јелена Исинбаева,(5,06 м), пред 12 години. По нив следува Американката Сенди Морис, со точно пет метри.
Кај мажите, Швеѓанецот Арманд Дуплантис не успеа да го собори сопствениот светски рекорд, иако се обиде трипати на 6,19 метри. Светскиот рекордер на 400 метри со пречки (45,94 сек.), Норвежанецот Карстен Ворхолм уживаше во нова победа (47,35 сек.) и нема пораз од 2018 година. Американецот Кенет Беднарек ја освои титулата на 200 метри (19.70 сек.), а „сребрената“ на 200 метри од Летните олимписки игри во Токио и светска младинска шампионка Кристине Мбома (18) од Намибија го освои трофејот на 200 метри, победувајќи во Цирих со нов светски рекорд за девојки до 20 години (21,78 сек.). На Кубанецот Педро Пичардо и на Венецуелката Јулимар Рохас им припаднаа титулите во трискок… Г.И.