НБА – ОЛСТАР-МЕЧ
Триумф на тимот на Леброн, признанија за Адетокумпо, Кари…

Тимот на Леброн Џeјмс го совлада тимот на Кевин Дурент со 170-150 на 70-от олстар-меч во кошаркарската НБА-лига, во Атланта. Годинава се играше со изменет систем, па така по три четвртини беше 146-125, па се играше до 170, според правилото за одредување на границата во поени (резултатот на водечкиот тим по три четвртини плус 24 поена).
Јанис Адетокумпо е избран за најкорисен играч (МВП) на дуелот, со шут од игра 16/16, а мечот го заврши со 35 поени, придодавајќи седум скока и три асистенции. Стеф Кари, исто така, имаше свое шоу. Тој го доби натпреварот во шутирање тројки пред главниот меч и стана седмиот кошаркар што победил повеќе од еднаш во такво натпреварување на олстар-меч. Најдоброто забивање го направи младиот Енферни Симонс, а Домантас Сабонис беше најдобар во кошаркарските вештини. Г.И.


РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022
Јакобсен со изменет состав

Данскиот селектор Николај Јакобсен се соочи со проблем во составувањето на селекцијата во пресрет на ракометните квалификациски дуели со репрезентацијата на Македонија за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година. Поради позитивен тест на коронавирусот, Јакобсен остана без услугите на пикерот Магнус Саугструп од Алборг, а потоа и без неговата замена Рене Антонсен, кој се повреди викендов, јавуваат медиуми од Данска.
Како трета опција на пикерската позиција Јакобсен го повика пикерот на Силкеборг, Александер Лингард, кој заедно се Хенрик Тофт Хансен од ПСЖ и со Симон Јенсен Халд од Фленсбург ќе ја покрива таа позиција.
Првиот меч помеѓу Македонија и Данска на програмата е в четврток во Скопје, а реваншот е в недела во Алборг. Македонскиот национален тим ги одработува подготвителните тренинзи за дуелот со Данска, а од вчераутро македонскиот селектор Кирил Лазаров на располагање ги има сите повикани ракометари.
По првите две квалификациски кола, Македонија и Данска имаат ефект од по две победи над селекциите на Финска и на Швајцарија. Пласман на ЕП обезбедуваат двете најдобропласирани репрезентации во секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните. Освен домаќините Унгарија и Словачка, пласман на ЕП 2022 имаат и актуелниот првак Шпанија и вицепрвакот Хрватска. Та.Д.


Ренџерс со 55 титули е најтрофеен фудбалски клуб во светот

Глазгов Ренџерс, чиј менаџер е поранешната легенда на Ливерпул, Стивен Џерард, по 10-годишна пауза повторно ја освои титулата фудбалски првак на Шкотска, по 55-ти пат во клупската историја. Со тоа Ренџерс стана најтрофејниот фудбалски клуб во светот. Една титула помалку, 54, има освоено ирскиот Линфилд, кој има шанса да му се придружи на Ренџерс до крајот на сезоната. Покрај 55-те титули, Ренџерс освои 60 домашни купа и еден трофеј во поранешниот Куп на победниците на купови (КПК), или вкупно 116 големи трофеи, повеќе од кој било клуб во Шкотска. Големиот градски ривал Селтик има 51 шампионска титула и вкупно 111 трофеи. Л.Д.


Главен приоритет на Лапорта е да го задржи Меси, кој летово е слободен играч

ФУДБАЛ
Лапорта вторпат претседател на Барселона

Жоан Лапорта (58) вторпат е избран за претседател на фудбалскиот гигант Барселона. Лапорта, кој беше претседател на Барса помеѓу 2003 и 2010 година, освои мнозинство од гласовите, 57,6 отсто, за Виктор Фонт гласаа 31,8, а за Тони Фреикса 9,1 отсто. Барселона соопшти дека на изборите што беа одложени од јануари, поради ограничувањата поврзани со коронавирусот, гласале 51.765 од 109.531 член. Лапорта го наследи Жoзеп Марија Бартомеу, кој поднесе оставка на функцијата во октомври лани.
Главен приоритет на Лапорта е да го задржи Лионел Меси, кој летово е слободен играч.
– Да се види Меси како гласа е јасен знак за она што постојано го зборуваме. Најдобриот играч на светот ја сака Барселона и се надевам дека ќе остане во Барселона, тоа е она што сите го сакаме – изјави Лапорта.
Лапорта првпат стана претседател на Барса во 2003 година и ја вршеше функцијата во златниот период на клубот, кога, меѓу другите, беа ангажирани Роналдињо и Самуел Ето, и кога беа освоени четири титули во Ла лига, две во Лигата на шампионите (ЛШ) и два „кралски“ купа. Тој се кандидираше и на изборите во 2015 година, но загуби убедливо од Бартомеу, чија кампања беше поткрепена со освојувањето на тројната круна еден месец порано. Л.Д.