Момент од мечот Фишер - Петросјан

На 8 април 1970 година, 12 најдобри светски шахисти одиграле еден од најсилните турнири во брз шах, на кој убедливо, со 19 поени од 22 можни, победил американскиот велемајстор Фишер, кој, според тогашните извештаи, никогаш не потрошил од своето време повеќе од 2,5 минути во една партиј

ШАХ – ПОЛОВИНА ВЕК ОД СИЛНИОТ БРЗОПОТЕЗЕН ТУРНИР ВО ХЕРЦЕГ НОВИ

На 8 април 1970 година, црногорскиот град Херцег Нови (тогаш во рамките на поранешна СФР Југославија) бил домаќин на шаховскиот турнир во брз шах (двапати по пет минути), кој многу експерти го сметаат за најсилен ваков турнир на сите времиња.

Вкупно 12 најдобри светски шахисти одиграле 22 кола (двокружно), а убедливо, со 19 поени од 22 можни, победил американскиот велемајстор (ВМ) Роберт Фишер.
Турнирот се одржал по т.н. меч на векот во Белград (од 29 март до 5 април 1970 година), помеѓу СССР и остатокот од светот. Од 24-те шахисти од тој турнир, предизвикот во Херцег Нови го прифатиле 12. На тој турнир уште немало електронски часовници како денес.
Првото официјално Светско првенство (СП) во брз шах се одржало во 2006 година (иако во 1988 година во Сент Џон имало мошне силен ваков турнир, на кој победил Михаил Таљ), сепак поради силината на играчите, Херцег Нови неофицијално се смета за прво Светско првенство во брз шах.

Во отсуство на тогашниот светски првак Борис Спаски, многу стручњаци го сметале Тигран Петросијан (2.670 рејтинг-поени) за прв фаворит, а Таљ (2.590) и Виктор Корчној (2.670), исто така, имале репутацијата на моќни играчи во брз шах.
Фишер, кој во тоа време бил број еден во светот во класичниот шах (со највисок рејтинг, 2.720), уште не бил многу познат како силен играч во брз шах. Но Фишер победил на мошне импресивен начин, со 19 поени од можни 22, дури 4,5 поени повеќе од второпласираниот Таљ. Фишер загубил само една партија, и тоа од Корчној. Според тогашните извештаи, Фишер никогаш не потрошил од своето време повеќе од 2,5 минути во една партија.

Тој за триумфот на турнирот добил награда од 400 долари.
Табела: Фишер 19, Таљ 14,5, Корчној 14, Петросијан 13,5, Бронштајн 13, Хорт 12, Матуловиќ 10,5, Смислов 9,5, Решевски 8,5, Улман 8, Ивков 7,5, Остоиќ два поена.