Ако сакате да ја искористите оваа ситуација да нѐ измамите, ќе ве фатиме и ќе ве отстраниме од спортот, вели претседателот на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), Полјакот Витолд Банка, во интервјуто за „Ројтерс“

ВИТОЛД БАНКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВАДА

Претседателот на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), Полјакот Витолд Банка, во интервјуто за „Ројтерс“ имаше порака за секој спортист што мисли дека може да го искористи јазот во антидопинг-тестирањето, создаден со пандемијата на коронавирусот – „ќе ве фатиме“.

ВАДА минатата недела потврди дека пандемијата им создала предизвици при тестирањето, поради затворените граници, откажаните летови, спроведените задолжителни карантини и суспендирањето на спортскиот календар.
– Ако сакате да ја искористите оваа ситуација да нѐ измамите, ќе ве фатиме и ќе ве отстраниме од спортот. Имаме многу алатки што ги користиме и се надевам дека брзо ќе ја вратиме целосната моќ. Антидопингот никогаш не спие, тоа е пораката што би сакал да им ја пренесам на моите колеги спортисти.

Тестирањето не е единственото оружје што го имаме против измамниците. Важно е да се знае дека спортистите остануваат предмет на тестирање и тие мора да дадат информации за тоа каде се наоѓаат – вели Банка во телефонско интервју за „Ројтерс“.
Тој бил атлетичар и дел од големите натпреварувања (бронза на СП во штафета четири пати по 400 метри).

– Доаѓам од атлетска средина и ќе сторам сѐ за да ги убедам спортистите дека работам со нив, дека ги слушам и дека ќе направам сѐ за создавање фер средина за нив – рече Банка, кој вели и дека ВАДА не се соочува со финансиска криза и нема да отпушта свои вработени.