Во конкуренција на 61 екипа, Македонија по седум одиграни кола освои девет екипни бода (16 поени по табли), го подели 10-то место, но според дополнителните критериуми е на 14-то место

ШАХОВСКА ИНТЕРНЕТ-ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Македонската шаховска репрезентација го подели 10-то место, но според дополнителните критериуми е на 14-то место со девет бода (четири победи, едно реми, два пораза), односно 16 поени по табли, на првата Шаховска интернет-олимпијада за лица со попреченост.
– Постигнавме извонреден успех. Во првите кола имавме проблем со навикнувањето на ова брзо темпо на игра, што особено за лица со оштетен вид е голем проблем, но успеавме да влеземе во ритам и да постигнеме три победи во последните три кола. Зафировски на првата табла играше многу сигурно и повеќето партии ги ремизира. Тркаљанов на втората и Ѓорѓевски на третата табла беа ударни играчи. Селковски имаше добиени позиции во две партии, но краткото време беше причина да не ги добие. Арсова, која е првак на Македонија, одигра интересни и поучни партии, а Ангеловска е поискусна и освои повеќе поени – вели селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев.
Македонија играше во домот „Даре Џамбаз“ во Скопје, во состав Тоде Зафировски (освои четири поени од седум кола), Владимир Тркаљанов (6/7), Јанчо Ѓорѓевски (4/5), Марија Арсова (0,5/3), Жарко Селковски (0/2), Зејно Бајрами, Зоран Костадиновски и Олга Ангеловска (1,5/4).

Македонија ги победи Турција 3 (3-1), Панама (2,5-1,5), Азербејџан (3-1) и Киргистан (4-0), ремизира со Индија 2 (2-2), а загуби од Турција 2 (1-3) и од САД (0,5-3,5).
На натпреварувањето, кое е во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), настапија 61 екипа од 45 држави, со вкупно 396 шахисти, а ќе трае до 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Во полуфиналето се пласираа првите четири екипи, Русија 1 со 13 бода (22,5), Украина 3 со 12 (17), Полска 1 со 11 (20,5) и Полска 3 со 10 (19,5), а двојките се Русија 1 – Полска 3 и Украина 3 – Полска 1.
ШО се состои од две фази. Првиот дел беше до седмото коло, а најдобрите четири селекции се квалификуваа во полуфиналето, потоа следуваат финалето и мечот за третото место (сите дуели во по два меча). Временската контрола во сите фази е 25 минути, плус 10 секунди по играч.