Турнејата се одржува од 1953 година, а ова ќе биде 69-то издание. Вообичаено натпреварите привлекуваат десетици илјади гледачи, но сега, поради пандемијата на коронавирусот, на трибините нема да има гледачи. Првиот натпревар е во Оберсдорф, а потоа следуваат скоковите во Гармиш Партенкирхен, Инсбрук и во Бишофсхофен
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Со денешните квалификации почнува 69-то издание на натпреварувањето во скијачки скокови, традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“. Вообичаено, првиот натпревар е во германскиот Оберсдорф, утре (16.30 часот), на 1 јануари се скоковите во уште еден германски центар, Гармиш Партенкирхен, а потоа турнејата се сели во Австрија, прво во Инсбрук на 3 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари.
Во Светскиот куп (СК) Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд е во серија од пет победи во низа и ја предводеше Норвешка до тимската титула на Светското првенство во скијачки летови на Планица (Словенија) пред две недели. Тој моментално се наоѓа на врвот во генералниот пласман во СК со 600 бода, Германецот Маркус Ајзенбихлер е втор со 463, трет е Норвежанецот Роберт Јохансон со 244 бода итн.
Новогодишната турнеја „Четири скокалници“ се одржува од 1953 година. Една од особеностите на турнејата е квалификацискиот систем. За разлика од другите настани во скијачки скокови, каде што најдобрите 30 натпреварувачи од првата серија се квалификуваат во втората, на сите натпревари на „Четирите скокалници“ има нокаут-систем воведен во сезоната 1996/97. Вкупно 50 натпреварувачи се поделени во 25 двојки, победниците на овие дуели плус петте најдобри меѓу поразените се квалификуваат за втората серија.
Вообичаено натпреварите привлекуваат десетици илјади гледачи, но сега, поради пандемијата на коронавирусот, на трибините нема да има публика. Минатогодишен победник е Давид Кубацки од Полска.
Јане Ахонен (Финска) е најуспешен со пет триумфи (1999, 2003, 2005, 2006 и 2008 година) на новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Свен Ханавалд од Германија во сезоната 2001/2002, Камил Стох од Полска во 2017/2018 и Рјоју Кобајаши од Јапонија во сезоната 2018/2019 се тројцата скијачи скокачи што победиле на сите четири натпревари на турнејата, на патот до освојување на вредниот трофеј.