Шпанија четврти пат во историјата е европски фудбалски првак откако во финалето на ЕВРО 2024 во Берлин ја победи Англија со 2-1.
„Црвената фурија“ сосема заслужено го освои пехарот со оглед на тоа дека покажа најмногу во текот на целиот шампионат и победи на сите натпревари што ги одигра.
Микел Ојарзабал, уште еден резервист во составот на Луис де ла Фуенте, како што претходно беше Микел Мерино, е херојот на шпанскиот национален тим.
Тој успеа да го постигне победничкиот погодок во 86.минута, откако реагираше одлично на уфрлената топка од левата страна и го надмудри Џордан Пикфорд.
Шпанија дојде во водство во 47.минута со голот на Нико Вилијамс, а израмни Кол Палмер во 73.минута со удар од 25 метри.