Фото: Игор Бансколиев

И тоа се случи – Савевски во една натпреварувачка сезона настапи за три тима во три земји – Југославија, Италија и Франција. Не секогаш цутеа рози на кормилото на македонските репрезентации. Најголем бериќет имаше во Ал Хилал во Саудиска Арабија. По турбулентните години во Македонија, конечно – повторно стана селектор на женската репрезентација

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (219) ЉУБОМИР САВЕВСКИ (2)

Тешко некој може хронолошки да го следи и да го наслика патот на движење на Љубомир Савевски во ракометниот спорт. Настапуваше за многу клубови, „леташе“ од град во град, од држава во држава, некаде како играч, на друго место како тренер, а во Македонија и неколкупати како селектор на кадетската, младинската, женската и машката сениорска репрезентација. Сега, конечно се скраси, и доколку повторно не се запали некоја искра, сигурно ќе остане селектор на најсилниот женски сениорски тим, кој кон крајот на 2022 година го очекува настапот на Европското првенство пред своите гледачи.
Минатиот пат ги опишав неговите почетоци како играч во повеќе македонски клубови, потоа споменав дека беше младински репрезентативец на поранешната држава, а опишав и дел од неговата меѓународна кариера. Меѓутоа, она што се појави како голема пречка за да се доискаже како играч, беше повредата на рамото, која едноставно ја одведе во друга насока неговата кариера. Тој навистина и со таа повреда настапуваше, дури играше и за странски екипи, но она со што стана познат во светот на ракометот беше неговата тренерска работа, преку која стигна и до неколку селекторски позиции.
Откако се врати од ЈНА, Савевски доаѓа на директорската позиција во Вардар. Тој, заедно со раководните луѓе на клубот, направи еден подолгорочен план за работа во кој централно место имаше проектот за работа со младите категории.
– Тоа беше неопходно, зашто идејата беше Вардар во иднина да се потпира на сопствените сили, а не да „купува“ играчи однадвор. Но, за жал, притиснати од потребите на првиот тим и настапите во натпреварите во кои секогаш се бркаше висок пласман, проектот за работата со младите категории, иако во меѓувреме собравме околу 200 деца, за жал, пропадна. Со тоа како да спласна и мојот ентузијазам, дојде до едно големо разочарување кај мене и излезот го барав надвор од земјата. Имав добри конекции со некои колеги од другите земји, па така следна станица беше италијанскиот Конверсано. Но и тука ме следеше малер: одиграв четири натпревари во Првата лига, клубот западна во финансиска криза и сета работа се распадна – вели Савевски.
Но Љупчо не беше долго без клуб. По повик на поранешниот југословенски репрезентативец Сеад Хасанефендиќ, тој замина за Франција и заигра во Втората лига на триколорите за тимот на Белфор.
– Ова беше само еден преоден период додека не најдам некоја подобра опција. Така се случи во една иста натпреварувачка сезона да играм за екипи од три земји – Југославија, Италија и Франција. Инаку, најдолго, цели пет години, останав во Франција, со која ме врзуваат убави спомени. Покрај Белфор бев играч и тренер во Марсеј (1990/92), во Третата лига, а еден период настапував и за Обервил во Втората лига. Потоа, поради проблеми со ишијасот полека го напуштам играњето и седам само на тренерската клупа – вели тој.

ПО НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ НА ДОМАШЕН ТЕРЕН

Немирниот дух на Савевски бара нови предизвици. Се враќа дома и застанува на кормилото на Пелистер со кој ја освојува титулата, потоа доаѓа во Вардар, каде што е победник на Купот, но тука повторно налетува на старите проблеми и доаѓа до разделба. Сепак, неговите тренерски квалитети не остануваа незабележани и во 1996 година е назначен за тренер на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија.
– Жал ми е што со овој состав во кој имаше многу талентирани играчи меѓу кои и легендарниот Кирил Лазаров, не успеавме да се пласираме на Европското кадетско првенство. Во решавачкиот дуел бевме поразени од Данска. Но, затоа, пак, по пеколните квалификации во Кавадарци, во конкуренција на Шведска и на Израел, потпомогнати од гледачите изборивме пласман на Светското младинско првенство во Турција во 1997 година. За конечниот успех во квалификациите, мора да кажам дека со својот ангажман околу обезбедувањето услови за подготовки многу придонесе тогашниот генерален секретар на федерацијата, Огњановски. Настапот на СП во Турција беше голем предизвик за нашиот тим. Составот беше квалитетен, а за да се види за какви играчи се работеше би ги споменал Мојсовски, Лазаров, Ангелов, К. Атанасовски, Марковски, Мисовски, Крстев. Сите тие подоцна направија големи резултати, како со репрезентацијата така и со своите клубови. На собирот на светските надежи одигравме неколку квалитетни мечеви. Имавме реми со Шпанија, Украина и со Турција, ја победивме Австрија, а загубивме од Тунис, кој на крајот беше трет. На кормилото на младите останав до 1998 година. Потоа среќата како тренер ја барав во странство – вели Савевски.

СТАН СО ПАРИТЕ ОД АЛ ХИЛАЛ

Според кажувањето на Савевски, од финансиски аспект најдобро поминал во Ал Хилал, шампионот на Саудиска Арабија. Тој се сеќава и на првата исплата на заработените пари.
– Еден ден во салата се појави принцот, кој беше газда на клубот, и кога ме праша колку треба да ми се исплати за периодот за кој работев дотогаш, му одговорив околу 50.000 марки. Тој, тогаш му се обрати на благајникот, потоа ковертот со парите се најде во моите раце. Кога дојдов дома и ги пребројував парите излезе дека ми дале 10.000 повеќе од потребната сума. Му се јавив на благајникот и го информирав за грешката, но тој ми одговори дека не е грешка, туку принцот рекол толку да ми се исплатат поради доцнењето. Немав ништо против и токму со тие пари од Ал Хилал купив стан во Скопје. Таму навистина поминав една убава година, во која на општо задоволство на газдите на клубот ја освоивме и шампионската титула. Сепак, и покрај добрите услови и желбата на домаќините да останам подолго во Ријад, ме влечеше нешто кон дома и решив да се вратам – вели тој.
Амбициите на Савевски беа да застане на кормилото на националниот сениорски тим, без разлика дали се работи за машката или за женската селекција. Таквата шанса му се укажа веднаш по враќањето од С. Арабија. Тој ја презеде машката сениорска селекција, со која посебно во сеќавање му останаа двата квалификациски меча со Унгарија, дома победа со два, а на гости доживеа пораз со три гола разлика.

СЕЛЕКТОРСКОТО СТОЛЧЕ ПОСТОЈАНО СЕ НИШАШЕ

Со Савевски е поврзан и еден куриозитет. Во периодот од 2000 до 2004 година дури четири пати заминуваше и се враќаше на кормилото на сениорскиот репрезентативен тим. Тој искористи еден период кога немаше ангажмани во Македонија, па во 2005 и 2006 година беше главен тренер на сите машки селекции на Турција. За својата работа доби и специјално признание од ракометната федерација на таа земја.
– Поради несигурноста што ја имав како селектор и честите конфликтни ситуации и сопки што ми беа ставани, за да обезбедам егзистенција работев како тренер во клубовите. Тогаш во одредени периоди бев на клупата на Младост од Богданци, кој стигна и покажа добри игри во Купот на ЕХФ. Потоа две сезони бев во Металург, со кој, исто така, игравме во Купот на ЕХФ. Во 2007 година седнав на клупата на Кометал Ѓорче Петров. Истата година ја водев нашата репрезентација на СП за жени во Франција. Таму ја поминавме првата фаза, бевме втори зад Русија од која загубивме со пет гола разлика, а остваривме победи над Бразил и над Австралија. Во втората рунда немавме сили да се носиме со поискусните репрезентации на Норвешка, Франција, Ангола и на Хрватска и шампионатот го завршивме на 12-то место – рече тој.
Потоа Савевски, откако во 2010 го презеде Вардар про, со кој настапуваше во Шампионската лига, повторно беше именуван за селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Но и овој пат не за долго, бидејќи им се разделија патиштата. Но тој никогаш не помислува на предавање, таков е неговиот карактер, кај него секогаш провејува победничкиот дух. Савевски повторно застана на кормилото на женската репрезентација со која во минативе месеци постигна добри резултати, а се очекува истото тоа да го стори и во декември на Европското првенство, кога нашите девојки ќе играат пред својата публика. Еве шанса за ново докажување…