Фото: „Нова Македонија“

Вардар не успеа да го одбрани ланскиот примат, загуби од Еурофарм Пелистер со 26-29, па сега и двата клуба имаат по 14 славенички пехари од овој реномиран македонски ракометен турнир

РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2024“

Актуелниот ракометен македонски шампион Еурофарм Пелистер го совлада Вардар со три гола предност (29-26), во финалето на 52-то издание на традиционалниот ракометен турнир во Струга, со што го освои победничкиот пехар и со тоа се изедначи со актуелниот вицепрвак скопски Вардар по бројот на освоени трофеи. Вардар не успеа да го одбрани ланскиот примат, па сега и двата клуба во своите клупски ризници имаат по 14 славенички пехари од овој реномиран македонски турнир покрај Охридско Езеро.
За црвено-црните беше хендикеп исклучувањето на тренерот Владо Недановски, кој поради реакција кон судиите доби црвен картон во 15-та минута, што секако негативно се одрази за скопскиот клуб, па на пауза битолчани заминаа со два гола позитива (13-11). Во финишот на второто полувреме се играше израмнето, а во последните десет минути и двете екипи влегоа без предност (23-23), што значеше вовед во драматичниот финиш. Сепак, Еурофарм Пелистер подобро се снајде, направи предност, која успеа да ја задржи до крајот на финалниот натпревар. Овој меч всушност претставуваше и убава увертира пред почетокот на новата првенствена натпреварувачка сезона во македонскиот ракомет.
Сите три индивидуални награди отидоа во рацете на пелистерци. Така, капитенот на битолчани, Филип Кузмановски, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на турнирот, најдобар голман е Филип Ивиќ, а најдобар стрелец, десното крило на битолчани, Богдан Радивојевиќ.
Шведскиот клуб ГУИФ Ескилстуна го освои бронзениот медал, откако во мечот за третото место на турнирот во Струга славеше над грчки ПАОК со гол предност (28-27). На теренот на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ во Струга, покрај домаќинот Струга, настапија и екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Тиквеш, ГУИФ Ескилстуна и АЕК. Г.И.