Големиот фаворит ракометната селекција на Норвешка не дозволи изненадување на почетокот на Светското првенство што се игра во Полска и Шведска и забележа убедлив триумф над подмладената македонска репрезентација со 39-27 во првото коло од групата Ф.
На натпреварот одигран вечерва во „Таурон арена“ во Краков победникот беше познат уште по првото полувреме. Отпорот на избраниците на селекторот Кирил Лазаров траеше дваесетина минути, а потоа норвешките ракометари со серија од четири гола во низа се одлепија од 9-9 на 13-9. Следуваа два погодока на нашите репрезентативци за доближување на 13-11, но потоа следуваше уште една низа од пет погодоци за Норвежаните за убедливи плус седум на полувреме (18-11).
Продолжението од натпреварот беше само формалност и прашање, колкава ќе биде разликата на крајот од мечот.
Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Талески со седум погодоци, а Сандер Сагосен со шест голови беше најефикасен во победничкиот состав.
Во текот на целиот меч, македонските ракометари имаа поддршката на околу две илјади навивачи на македонската „Фаланга“.
На другиот дуел од првото коло во групата-Ф, Холандија ја совлада Аргентина со 29-19.
Во рамки на второто коло во недела, македонските ракометари во 18 часот ќе играат со Холандија.