Фото: Игор Бансколиев

Билетите за натпреварите на ЕП чинат помеѓу 15 и 50 евра, цена одредена од ЕХФ. Попустот од 40 отсто за билетите за натпреварите на македонскиот национален тим во групата Ц се пресметува од вчера, од 11 часот. Македонија ќе игра во СЦ „Борис Трајковски“, и тоа в сабота со Франција, в понеделник со Холандија и в среда со Романија, сите со почеток во 18 часот

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) за што поголема подршка од публиката за македонскиот национален тим да оствари што е можно подобар пласман во групата Ц, во Скопје, на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, одлучи да субвенционира 40 отсто од цената на билетите на мечевите на Македонија со Франција, Холандија и со Романија. Билетите за натпреварите на ЕП чинат помеѓу 15 и 50 евра, цена одредена од Европската ракометна федерација (ЕХФ).
– Ја информираме македонската јавност дека билетите за натпреварите од претстојното ЕП за жени имаат заштитена цена, која е дефинирана и утврдена од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за четирите града во кои ќе се одржува шампионатот, а тоа се Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје. Билетите се поделени во три категории и се продаваат преку мрежата на „Евентим“ (официјалниот партнер на ЕХФ за продажба на билети), а наш национален дистрибутер е агенцијата „МК тикетс“. Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, РФМ по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 отсто од износот на билетите од категорија два и од категорија три, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година, преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“. Попустот на билетите за натпреварите на нашиот национален тим во групата Ц ќе се пресметува од вчера, од 11 часот, а средствата за оваа намена ќе бидат обезбедени од спонзорите на РФМ – пишува во соопштението на официјалната интернет-страница на РФМ.
Македонија дуелите во групата Ц ќе ги одигра во СЦ „Борис Трајковски“ в сабота, понеделник и в среда, сите со почеток во 18 часот.
– Ракометарките се подготвени, а националната арена е целосно опремена според стандардите на ЕХФ за да ги прими љубителите на ракометот од целиот континент. Капацитетот на салата, во согласност со стандардите за ова првенство, е максимум 5.000 седишта, а досега се продадени околу 2.000 билети – велат од РФМ. Г.И.


За мечот со Франција судиска двојка од БиХ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги одреди арбитрите за дуелите од првото коло на ЕП за жени во Македонија, Црна Гора и во Словенија. Утре ќе почнат мечевите во групите А и Б, а в сабота, според распоредот, се четири средби од групите Ц и Д. Македонските ракометарки првиот меч ќе го играат в сабота против олимпискиот шампион и актуелен европски вицепрвак, селекцијата Франција (од 18 часот). Судиската правда на овој натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ им е доверена на судијките од БиХ, Весна Балван и Татјана Праштало.