Ракометот е спорт број еден во Македонија и така треба да се третира за да продолжи да се издигнува и на клупско и на репрезентативно ниво. Посакувам државата, општината и бизнис-секторот во Македонија да покажат поголема солидарност кон ракометот и да недозволат да се уништи она што со години го градевме и создававме во „Автокоманда“, вели прославениот хрватски ракометен тренер Лино Червар, кој со успех го предводеше Металург, како и македонската репрезентација, осврнувајќи се на состојбата во македонскиот ракомет во разговор за „Нова Македонија“. Тој даде и свое видување за националната селекција под водство на Кирил Лазаров, како и за влијанието на пандемијата врз ракометот, во пресрет на Европското првенство во Унгарија и во Словачка кое се игра од 12 јануари.
Червар кој беше тренер на Металург од 2009 до 2017 година, упати апел за поддршка на македонскиот ракомет од страна на државата.
– Многу ми е жал поради ситуацијата во која се најде Металург сезонава. Посакувам државата, општината и бизнис-секторот во Македонија да покажат поголема солидарност кон ракометот и да недозволат да се уништи она што со години го градевме и создававме во „Автокоманда“. Ракометот е спорт број еден во Македонија и така треба да се третира за да продолжи да се издигнува и на клубско и на репрезентативно ниво – порача Червар.
Искусниот стратег смета дека Македонија во Лазаров доби одлично селекторско решение на долг рок.
– Не се сомневам дека Лазаров ќе даде сѐ од себе за да го наметне и пренесе своето ракометно знаење на играчите и да состави тим кој ќе го отсликува неговиот борбен карактер. Меѓутоа, сите треба да се свесни дека тоа не се постигнува за пет или десет дена, за тоа е потребно време и трпение. Верувам во квалитетите и амбицијата на Лазаров и мислам дека ќе има што да каже и покаже и во улога на тренер и селектор, исто како што тоа го прави како играч – истакна Червар.
Новогодишните и божиќните празници традиционално се работни за ракометните репрезентативци кои учествуваат на големите натпреварувања (европски и светски првенства). Мундијалот во Египет одигран во 2021 година и претстојното европско првенство во Унгарија и во Словачка во јануари ќе се играат во специфични услови на пандемија, во кои спаѓаат и превентивните мерки.
– Пандемијата на коронавирусот втора година по ред прави сериозни штети во спортот и во сите сфери на живење во целост. Пандемијата која ни стана секојдневие го ограничи и закочи спортот во вистинската смисла на зборот. Во минатото на две недели пред почеток на првенство можеше да направи комплетна анализа на противниците, да се подготви игра, стратегија, да се прогнозираат фаворитите за титула, а сега на ден во очи на меч селекторите нема да знаат со кој состав ќе излезат на терен, бидејќи пред меч може да се појават позитивни ракометри, со што целосно се руши концепцијата на игра, стратегијата и реалните можности и квалитети на било кој тим. Можам да кажам дека, ниту резултатите, ниту пласманот на екипите, а ниту играта на поединците, не се реален одраз на квалитетот во овие пандемиски услови – заклучува Червар, кој моментно е во Пореч на подготовки со хрватката ракометна репрезентација, во улога на координатор.
Хрватска ќе игра во групата Ц на Европското првенство заедно со Франција, Србија и со Украина, а Македонија во групата А покрај Данска, Словенија и Црна Гора.