Драган Начевски, во тандем со својот братучед Марјан, во последната декада од минатиот век, па до 2005 година беа една од најдобрите судиски двојки во светот. Потврда за ова се и учествата, како арбитри на шест европски и исто толку светски првенства, а судеа и на две олимпијади. Драган Начевски од 2012 година е на чело на Судиската организација на ЕХФ

Драган Начевски (1) ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (239)

За македонскиот ракометен судиски тандем Марјан и Драган Начевски не треба многу да се зборува и да се објаснува со каков квалитет ги водеа најзначајните светски натпревари. Оваа двојка, практично составена од двајца први братучеди, беше најпосакувана од сите, дури и најголемите европски клубови, да им ја дели правдата на најзначајните средби. Близу 15 години, почнувајќи од првите години на последната декада од минатиот век, па до 2005 година, кога Драган се повлече од активното судење, тандемот Начевски отсуди дури по шест европски и светски првенства (вкупно 12), а беа актери и на две олимпијади, во Сиднеј во 2000 година и во Атина во 2004 година. Кога на ова ќе се додадат и сите оние европски клупски натпревари, а и некои мечеви во рамките од турнирите организирани на сите меридијани од светот, можете да замислите за каква судиска двојка стануваше збор. Нема сомнение дека во текот на годините по осамостојувањето, кога нашата машка и женска репрезентација, а и клубовите почнаа на меѓународната сцена да настапуваат под своите национални симболи, двојката Начевски – Начевски со своите квалитетни арбитражи стана вистински репрезент на македонскиот ракомет.
Овој пат ќе се задржам на судиската кариера на Драган, кој не само што во тандем со Марјан беше почитуван во судиската фела туку неговата чесност, која сите ја препознаваа, му ја отвори вратата на конгресот во Монако во 2012-та да стане и претседател на Судиската организација на ЕХФ. Тоа практично беше пробив во светските ракометни форуми и највисока функција што еден Македонец ја има како спортски функционер. За успешното водење на Судиската организација на следните два конгреса на ЕХФ, кои се одржаа во Австрија во 2016 и во 2020 година, неговиот мандат му беше продолжен до 2025 година. Токму поради овој факт не само ракометниот туку целокупниот спортски свет во нашата држава беше горд што, ете, еден наш човек се наоѓа на една толку висока и одговорна позиција. Тоа беше признание за него, но и за сите оние што беа вклучени во ракометот, во кој последниве дваесетина години на клупски и на репрезентативен план имавме навистина врвни резултати. Не треба многу да набројуваме, доволно е да кажеме дека ракометарките на Кометал Ѓорче Петров беа европски шампионки, а ракометарите на Вардар двапати во последнава деценија се искачуваа на највисокото место во Европа. Машката сениорска репрезентација беше петта на ЕП, а женската седма на СП.

ПРОЛЕТ – РАКОМЕТНА НАСЕЛБА

Но да се вратиме на кариерата на Драган Начевски, преку која ќе видиме дека ништо не е случајно. А, еве зошто.
– Живеев во една навистина ракометна населба во Скопје, Пролет. Тука егзистираше, а и сѐ уште е еден од водечките македонски клубови РК Пролет. Во една таква ситуација, кога околу мене сѐ беше „ракометно“, зашто, пак, преку железничката пруга на стотина метри од ракометното игралиште на Пролет беше и теренот на РК Југ, тогаш сѐ станува јасно. Едноставно не можев да бидам изолиран од сите ракометни случувања, па, така, и јас, како и голем број мои другари, почнав да тренирам во Пролет. Тука беа моите почетоци и првата средба со спортот, кој во тој период беше многу популарен. Немаше училиштен двор, а да нема ракометно игралиште. Сето тоа ни даваше посебен мотив да се вклучиме во спортот, во кој почнувајќи од 50-тите години на минатиот век, Македонија имаше силни клубови што се натпреваруваа во Првата лига, како Работнички, Вардар, Борец, Пелистер тогашна Пелагонија. Сето тоа ни даваше за право да веруваме дека тој тренд ќе продолжи и затоа, ние младите, со посебна љубов се вклучувавме во овој спорт. Не се задржав многу како играч, зашто повеќе ме привлекуваше судењето. Едноставно, сакав да бидам човек што ќе ја дели правдата и ќе им овозможи еднаков третман на екипите што се бореа да докажат која е подобра. Така, во 1980 година почнува мојата судиска кариера – ја почнува својата приказна Драган Начевски.

ПАТОТ ДО ЕЛИТАТА

Во почетокот Драган Начевски се појавуваше како судија најчесто со искусниот Стојан Николов-Кускуле (неговиот татко беше познат бербер, во чија берберница не се зборуваше за ништо друго освен за спортот).
– Од него многу научив. Тој имаше големо искуство и многу натпревари зад себе, па мене како млад судија ми импонираше да судам со него. Потоа, продолжив да се појавувам во тандем со, за жал, покојниот Аце Манев. И со двајцата имам убави спомени. Прво, со Стојан почнав да ги судам натпреварите во трите македонски лиги и во Втората југословенска, во која настапуваа неколку македонски екипи. Потоа, по неколкугодишно калење, со Манев почнав да судам и мечеви од Првата југословенска лига. За тоа колку таа лига беше силна и да не зборувам. Нејзиниот квалитет беше на највисоко ниво, а меѓу тимовите имаше и неколку што беа европски шампиони во машка и во женска конкуренција. Во една таква ситуација и ние како судии напредувавме и растеше нашиот рејтинг – вели Драган.

СО МАРЈАН ДО СВЕТСКИОТ СУДИСКИ ВРВ

Меѓутоа, откако по „роднинска“ врска почна да суди со својот братучед Марјан, веќе за тандемот Начевски сѐ почесто почна да се говори и во европските судиски кругови.
– До овие моменти, а тоа беше некаде во 1991 година, пред распадот на поранешната држава, најспоменувани како најквалитетни судии од Македонија беа Неделковски и Кузмановски. Тоа беше навистина еден тандем што остави силен печат во сегментот на судењето во ракометниот спорт. По нивните стапки тргнав и јас со Марјан, но нашата предност беше во тоа што ни се укажуваше шанса многу често да се појавуваме и на меѓународната сцена. Кога судеа Неделковски и Кузмановски, конкуренцијата во поранешна Југославија беше силна, а се знаеше и кои судии беа најпривилегирани, па така „нашите“ ретко доаѓаа на ред да судат меѓународни натпревари. Со нас ситуацијата беше поинаква. По распадот, Ракометната федерација на Македонија брзо беше примена во европското и во светското семејство, па така ширум беше отворена вратата за настап на нашата репрезентација и на клубовите на меѓународната сцена. За ова голема заслуга имаат тогашниот претседател Иван Бојков и сите луѓе околу него. Потоа, трендот продолжи со Трифун Костовски, Михајло Михајловски и во моментов со Живко Мукаетов. Нивниот ентузијазам и жар со кој влегоа во ракометот внесе доверба, па, така, и резултатите не изостанаа. Со самиот подем и успеси на меѓународната сцена растеше и нашиот авторитет како судии – вели тој.
Кога се пишува ракометната биографија на Драган Начевски, не треба да се земе предвид само неговата активност како судија, туку и неговите други ангажмани. Тој, меѓу другото, беше и првиот генерален секретар на РСМ, подоцна РФМ. Таа функција ја извршуваше од осамостојувањето на Македонија до 1999 година.
– Мора да истакнам, ракометните работници добро го знаат тоа, дека во тој период, благодарение на ангажманот на Марјан Начевски, кој беше претставник на фирмата „Срем“ од Србија, тој решаваше многу финансиски проблеми на Федерацијата. Благодарение на неговата посветеност кон овој спорт, репрезентацијата имаше услови за непречена работа, па, така, дојдоа и првите учества на женската и на машката репрезентација на европските и на светските првенства – рече тој.
Паралелно со извршувањето на организациско-техничките работи во РФМ, Драган не ја оставаше свирката и стигнуваше насекаде каде што беше делегиран. Така, во својата судиска биографија, настапувајќи заедно со Марјан, запиша 528 арбитражи на меѓународни натпревари, вклучувајќи ги тука шесте европски сениорски првенства (по три во машка и во женска конкуренција), потоа петте светски сениорски шампионати (три во машка и два во женска конкуренција), едно светско првенство за младинки, како и две олимпијади.
– Сето ова е убаво, горд сум на мојата судиска кариера, но мора да кажам дека во текот на судењето имавме и непријатни моменти, поради притисоците што секогаш беа присутни. Затоа, за да се издржи ова, не требаше само знаење и умешност, туку и храброст – вели тој.
За тоа што беше најкарактеристично од судиската кариера на Драган Начевски, а потоа и како претседател на Судиската организација на ЕХФ, ќе читате идната недела.


25570

Роден: во 1955 година во Скопје
Кариера: РК Пролет
Судиска кариера: Во тандем со Марјан Начевски судеше на шест европски сениорски првенства, на исто толку светски првенства и на две олимпијади. Вкупно 528 арбитражи на меѓународните средби
Функционер: Генерален секретар на РФМ, член и претседател на Судиската организација на ЕХФ избран во 2012 година во Монако. Потоа на два конгреса на ЕХФ во Австрија доби продолжен мандат до 2025 година