Фото: ЕПА

Во дербито на колото Норвешка подобра од Данска. Ова всушност беше реприза од финалниот меч од последното ЕП во 2022, кога Норвежанките славеа со 27-25

РАКОМЕТ

Репрезентацијата на Норвешка го доби дерби-дуелот од групата два, на првиот ден од главната рунда на Европското првенство (ЕП) во ракомет за жени, кое се игра во Виена (Австрија), совладувајќи ја Данска со 27-24. Ова всушност беше реприза од финалниот меч од последното ЕП во 2022 година, кога Норвежанките славеа со 27-25. И покрај тоа што двете селекции реализираа одлични шутеви и дефанзивни перформанси, разликата беше направена со одличниот старт на Норвежанките во вториот дел. Предводена од ракометарката на натпреварот, голманката Сиље Солберг-Оштасел, Норвешка надвладеа во големата битка на теренот и остана непоразена на ова ЕП. Норвежанките Кристине Бреистол и Хени Рајстад постигнаа по пет гола, додека Андреа Агот Хансен беше најпрецизна кај Данска со шест погодоци. За Норвешка тоа беше 19-та победа на претходните 20 меча на европските првенства.
Во другите два меча од оваа група Германија беше убедлива против Швајцарија со 36-27, а Холандија ја совлада Словенија со 26-22.

Во групата еден, Франција и Унгарија во унгарскиот град Дебрецин впишаа уште два многу значајни бода во намерата да се пласираат во полуфиналето. Шведска веќе ги освои своите први бодови во главната рунда, по победата со 33-25 над Полска во воведниот меч. Унгарија ја совлада бронзената Црна Гора од последното ЕП со 26-20, благодарејќи на голманката Жофи Семереј, која одигра клучна улога со 15 одбрани (44,1 отсто), а беше прогласена и за МВП на овој меч. Шведска ја победи Полска со 33-25, а доминираше Натали Хагман, која девет пати ја затресе мрежата на противникот и моментално е најдобар стрелец на ЕП со 31 гол, заедно со Словенката Тјаша Станко. Голманката Јохана Бундсен исто така го додаде своето име во листата на стрелците со три реализирани гола! Нови два бода, а вкупно четири впиша и Франција, која ја совлада Романија со 30-25. Вчера се играа натпреварите од второто коло од групата еден, а денеска од групата два од главната рунда, а Романија и Полска, односно Словенија и Швајцарија, настојуваа да ги впишат првите бодови во оваа фаза. Г.И.