Фото: РФМ

Македонија, која утре и в недела се среќава со Фарските Острови за пласман на СП 2025, игра за деветти пласман на светските првенства (има и осум учества на европските шампионати). Црвено-жолтите од 2012 година постојано играат на големите натпреварувања (ЕП и СП), а од Европа таков континуитет имаат и Хрватска, Данска, Франција, Исланд и Шпанија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

Македонската машка ракометна репрезентација се комплетира со приклучувањето на Филип Талески и на Никола Митревски на подготовките за бараж-натпреварите со селекцијата на Фарските Острови за пласман на Светското првенство (СП), кое в година треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. Првиот натпревар Македонија го игра утре (од 20 часот), на гости, во Торшавн, а реваншот е в недела, во Скопје (19 часот).
Македонија игра за деветти настап на светските шампионати, седми по ред и вкупно 17-ти на големите натпреварувања заедно со европските првенства (ЕП). Црвено-жолтите постојано настапуваат на СП и на ЕП од 2012 година и од тогаш вкупно имаат 13 учества во низа, а од Европа таков континуитет имаат и Хрватска, Данска, Франција, Исланд и Шпанија. Фарските Острови досега немаат настап на мундијалите (таа репрезентација годинава дебитира на европските првенства).
На СП 2025 ќе играат вкупно 32 репрезентации. Европа на планетарниот шампионат ќе има 17 репрезентации, а директно се пласираа домаќините Хрватска, Данска и Норвешка, како и Франција, Германија и Шведска, како полуфиналисти од Европското првенство годинава. Преостанатите 11 селекции ќе бидат одредени со бараж-натпреварите неделава (уште играат и Исланд – Естонија, Грција – Холандија, Шпанија – Србија, Романија – Чешка, Литванија – Унгарија, Словенија – Швајцарија, Португалија – БиХ, Грузија – Австрија, Италија – Црна Гора и Полска – Словачка).
За подготовките за дуелите со Фарските Острови селекторот Кирил Лазаров ги повика голманите Никола Митревски, Мартин Томовски и Марко Кизиќ, крилата Цветан Кузманоски, Петар Атанасијевиќ и Никола Костески, бековите Томислав Јагуриноски, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Марко Митев, Дамјан Митев, Иван Џонов, Филип Талески, Филип Кузмановски и Мартин Карапалевски, пикерите Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис и дефанзивците Никола Марковски и Михаил Аларов. Н.М.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

УТРЕ
Фарски Острови – Македонија
Исланд – Естонија
Грција – Холандија
Шпанија – Србија
Романија – Чешка
ЧЕТВРТОК
Литванија – Унгарија
Словенија – Швајцарија
Португалија – БиХ
Грузија – Австрија
Италија – Црна Гора
Полска – Словачка
реваншите се в сабота и в недела