Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во тест-меч славеше на дуелот со Зелено’ртските Острови со 27-26. Црвено-жолтите ќе го почнат годинашниот мундијал утре, со дуелот со Унгарија, од 20.30 часот

РАКОМЕТ

Македонската ракометна репрезентација успешно ги заврши подготовките за Светското првенство (СП), кое од денеска до 2 февруари ќе се одржи во Хрватска, Данска и во Норвешка, откако избраниците на селекторот Кирил Лазаров остварија победа на дуелот со Зелено’ртските Острови со 27-26 (14-15), во последниот петти контролен дуел во овој период.
Македонија својот деветти настап на ракометните мундијали го почнува утре, во хрватскиот град Вараждин, каде што во рамките на групата Д ќе игра со Унгарија, од 20.30 часот. Црвено-жолтите во Вараждин ќе се сретнат и со Холандија (в петок, од 18 часот) и со Гвинеја (в недела, од 18 часот). Најдобрите три селекции од секоја од осумте групи ќе се пласираат во втората групна фаза, а групата на Македонија вкрстува со групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Алжир.
СП 2025 почнува денеска со мечот Италија – Тунис од 17.30 часот, во дуел од групата Б, во која денеска играат и Данска – Алжир (20.30 ч.). Во групата Ц, пак, се натпреварите Франција – Катар (18 ч.) и Австрија – Кувајт (20.30 ч.). Данска е актуелен трикратен светски првак, откако славеше на планетарните шампионати во 2019, 2021 и во 2023 година.
Унгарија на светските првенства настапила 22 пати, а најголем успех остварила во 1986 година во Швајцарија, кога освоила сребро, што претставува и единствен медал. Досега има и по едно четврто и петто место, три шести… На минатото СП Унгарија беше осма. На европските првенства настапила 14 пати и зад себе има по едно петто, шесто, седмо…, а на ЕП 2024 беше петта. Г.И.


ДЕНЕСКА НА СП 2025

ГРУПА Б
Италија – Тунис 17.30 ч.
Данска – Алжир 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Франција – Катар 18 ч.
Австрија – Кувајт 20.30 ч.