Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првите две селекции од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024, каде што директно се пласираа европскиот првак Норвешка и земјите-домаќини, Унгарија, Австрија и Швајцарија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА ЖЕНИ

Македонската женска ракометна репрезентација утре (18 часот, влез слободен) во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, на дуелот со Азербејџан ќе игра за да ги впише првите бодови во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Унгарија, Австрија и во Швајцарија во 2024 година, прво што ќе се игра со учество на 24 репрезентации (досега настапуваа по 16 селекции). Во оваа група утре (од 20.30 часот) играат и Шпанија – Литванија.
Селекторот Кристијан Грчевски за овој циклус квалификации од два натпревара повика 22 ракометарки, од кои 15 се интернационалки и седум од домашните клубови.
Македонија директно се пласира на ЕП 2022 како кодомаќин, заедно со Словенија и со Црна Гора, а претходно пет пати играше на континенталното натпреварување. Македонија најдобрите пласмани на ЕП ги оствари на ЕП 2008 во Македонија, кога беше седма, а во Холандија во 1998-та и во Романија во 2000 година беше осмопласирана.
Азербејџан никогаш досега не обезбедила пласман на едно ЕП, а сега првпат игра во квалификациите по 2016 година, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во дуелите со Македонија Азербејџан еднаш беше победник во четирите досегашни меѓусебни натпревари и тоа на првиот дуел во 2002 година. Оттогаш ракометарките на Македонија ги добиле останатите три меѓусебни натпревари.
Вториот меч на Македонија е на гости, в недела, во Литванија, а третиот ривал е и првиот фаворит во групата, селекцијата на некогашниот светски вицепрвак Шпанија. Квалификациски мечеви ќе се играат и во февруари, март и во април в година.
Првите две селекции од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024. Директно се пласираа европскиот првак Норвешка и селекциите на трите земји-домаќини. Г.И.