Фото: Игор Бансколиев

Црвено-жолтите го совладаа Луксембург и в недела, од 18 часот, играат со Турција, во Скопје, за пласман на седмото ЕП во низа, вкупно осмо, и за одржување на континуитетот на настапите на големите натпреварувања (Македонија од 2012 година непрекинато игра на ЕП и на СП)

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската ракометна репрезентација се доближи до пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија, со уште една победа над Луксембург, овој пат на гости, со 28-23 (претходно во Скопје, Македонија победи со 38-24). В недела на програмата е последното коло од овие квалификации, Македонија од 18 часот треба да игра со Турција, во Скопје (Македонија победи во првиот меч на гости, со 36-27).
– Не беше лесно да се победи денеска. Ние сме подобри од Луксембург и бевме фаворити, но секогаш е тешко да се победи кога не играш дома. Очекував тежок натпревар, но бевме концентрирани 60 минути, можевме да искористиме голема ротација и конечно го добивме натпреварот – рече селекторот Кирил Лазаров, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница.
По пет кола, во групата 1 води Португалија со 10 бода, потоа се Македонија со шест, Турција со четири и Луксембург без бодови. На ЕП ќе се пласираат по две најдобри селекции од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните. Во случај на ист број бодови прво што решава е меѓусебниот резултат меѓу израмнетите репрезентации.
Македонија игра за пласман на седмото европско првенство во низа, а вкупно осмо. Црвено-жолтите на најголемите меѓународни турнири (ЕП и светските шампионати) се присутни непрекинато од 2012 година.
На ЕП 2024 директно се пласираа четири селекции, и тоа Германија (како домаќин), Шведска, Шпанија и Данска (како најдобри на претходното континентално првенство, во 2022 година). По пет кола од актуелните квалификации, пласман на ЕП 2024 обезбедија уште осум репрезентации, и тоа Португалија, Австрија, Унгарија, Словенија, Франција, Хрватска, Норвешка и Србија, пишува ЕХФ. Сите овие селекции играа и на ЕП 2022. Преостанатите 12 учесници на Европското првенство в година ќе се добијат в недела, по шестото коло од квалификациите. Н.М.


ГРУПА 1

Луксембург – Македонија 23-28
Турција – Португалија 35-37

ТАБЕЛА
Португалија 5 5 0 0 10
Македонија 5 3 0 2 6
Турција 5 2 0 3 4
Луксембург 5 0 0 5 0
Идно коло (в недела, од 18 часот): Македонија – Турција, Португалија – Луксембург.