Во Тбилиси одбојкарите славеа со максимални 3-0 во сетови, додека девојките во Скопје доживеаја убедлив пораз со 0-3 во сетови
ОДБОЈКА – ПОЧНАА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Македонската машка одбојкарска репрезентација ја совлада Грузија во рамките на првото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, кое ќе се одржи во Финска, Италија, Романија и во Бугарија и со тоа целосно ја потврди фаворитската улога пред овој меч. Во Тбилиси, избраниците на селекторот Хари Наковски ги освоија првите три бода, славејќи со убедливи 3-0 во сетови (25-12, 25-14, 25-18), а патем остварија и одличен поен-количник, кој може да биде значаен во оваа група Ф, во битката за конечен пласман на четвртото ЕП во низа за црвено-жолтите.
Александар Љафтов беше најефикасен во македонската селекција со 14 поени, капитенот Никола Ѓоргиев придодаде 12, а двоцифрен број од 11 поени впиша и Филип Савовски. Од другите репрезентативци, Владо Милев заврши со осум, Филип Маџунков со седум, а Ѓорѓи Ѓоргиев со два поена. Во колективната статистика сите бројки беа на страна на македонскиот состав, што може само да радува.
Следниот квалификациски дуел, Македонија ќе го игра против Грција в недела на 25 август, во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“ (20.15 часот). На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. По овие средби квалификациите за ЕП продолжуваат во август следната година. Од претходно директен пласман обезбедија четирите домаќини на првенството, како и репрезентациите на Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и на Португалија според пласманот на ЕП 2023.
За разлика од одбојкарите, женската репрезентација на Македонија го загуби на домашен терен првиот квалификациски меч за пласман на ЕП во 2026, кое ќе се одржи во Азербејџан, Чешка, Шведска и во Турција. Австријките оправдано се покажаа како посилни на теренот, славејќи со максимални 3-0 во сетови (25-14, 25-17, 25-20).
Во СЦ „Јане Сандански“, Австрија одигра на едно ниво повисоко од Македонија, додека избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ, како што одминуваше мечот играа подобро, особено тоа беше видливо во третиот сет кога Македонија водеше со 14-10, но сепак, недоволно да се добие првиот сет. Тамара Стојанова беше најефикасна во македонските редови со 12 поени, Мери Бошковска освои седум, Ерјона Јонузи впиша шест, Антонија Баталаковска пет, Симона Стојановска три, а Мила Долдурова и Ива Стојкоска и двете по два. Следниот меч македонските одбојкарки ќе го играат на 28 август против Грција на гостински терен. Квалификациите по овие две средби ќе продолжат во август 2015 година.
На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и селекциите на Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и на Словачка, според пласманот на ЕП 2023 година. Г.И.