Литванија досега има учество на две ЕП, во 1998 и во 2022, и едно учество на СП 1997, а забележала две победи и едно реми против Македонија, која, пак, играла на осум ЕП и на исто толку СП

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, утре на гостински терен во Вилнус ќе го игра вториот натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026 во Данска, Шведска и во Норвешка. Противник ќе ѝ биде незгодната селекција на Литванија. По почетната победа во Скопје над Естонија со 37-33, црвено-жолтите ќе бидат пред многу посериозен предизвик, ако се знае податокот дека Македонија со Литванија досега играла трипати и забележала едно реми и два пораза. Посебно во негативно сеќавање е неуспехот во 2011 во Адана (Турција), кога Македонија ремизира со Литванија, која, пак, поради повисоката победа над Турција го освои првото место во квалификациската група седум, како прв чекор на патот за пласман на СП.
– Од тоа што го имам гледано досега, Литванија е поквалитетна репрезентација од Естонија. Традицијата вели дека немаме победа против неа, затоа мора да се подготвиме добро и да одиме на победа – оптимист е селекторот Кирил Лазаров.
Литванија досега има учество на две ЕП (вкупно девет меча, пет бода, две победи, едно реми и шест порази), во 1998 (деветто место) и во 2022 (21. место), и едно учество на СП 1997 (10. место). Македонија, пак, има осум настапи на ЕП (37 меча, 21 бод, осум победи, пет ремија и 24 порази), а најдобриот пласман ѝ е петтото место во Србија во 2012 година. По бројот на настапи е на 17-то место од 29 селекции што досега учествувале, додека исто така осум пати била дел од СП. Во групата еден, во вториот меч утре, ќе играат Естонија и Словенија (17 часот). Во првото коло Словенија ја совлада Литванија со 36-25.

– Дуелот на домашен терен со Македонија веројатно ќе биде еден од решавачките за пласман на ЕП. Со победа сигурно би имале многу повеќе шанси. Секако и поддршката од навивачите на секој меч е дополнителна мотивација за нашите ракометари, затоа ги повикуваме да дојдат и да ја бодрат нашата репрезентацијата – вели литванскиот селектор Гинтарас Савукас.
Вкупно 32 репрезентации се во квалификациите за ЕП, а директен пласман обезбедија домаќините на ЕП 2026 и европскиот првак Франција. Ќе има вкупно осум квалификациски групи, а настап на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани од секоја група, како и четири најдобри меѓу третопласираните од сите групи или 20 селекции. Г.И.