Жалиме што пропуштивме на крајот да победиме, но треба да бидеме задоволни од ваквиот резултат, рече селекторот Лазаров по ремито 27-27 со Унгарија. Во второто коло Македонија игра со Холандија, денеска, од 18 часот
РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА РЕМИЗИРА СО УНГАРИЈА ВО ПОЧЕТОКОТ НА СП 2025
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, освои еден бод голем како планина против фаворизираната репрезентација на Унгарија, играјќи нерешено, 27-27 (14-14), во првото коло во групата Д, на Светското првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. Црвено-жолтите, кои во прелиминарната фаза настапуваат во Вараждин, предводени од навивачката „Фаланга“, беа блиску и до двата бода.
– Жалиме што пропуштивме на крајот да победиме, но треба да бидеме задоволни од ваквиот резултат. Пресуди неискуството во последниот напад, кога не успеавме да фаулираме. Унгарија е голема репрезентација, која учествува на олимписки игри, беше блиску до медал на европско првенство и затоа сум горд на моите ракометари, а без навивачите и целиот македонски народ немаше да го оствариме ова. Да не очекуваме ништо, само вака да продолжиме и мислам дека резултатот ќе си дојде – рече Лазаров.
Македонија досега пет пати го почнувала светското првенство со победа, а трипати загубила во воведното коло по групи. На Унгарија ова ѝ е 23-ти настап на планетарните шампионати, а најголем успех остварила во 1986 година во Швајцарија, кога освоила сребро, што е и единствен освоен медал. На претходниот Мундијал беше осма.
Унгарија и Македонија досега одиграа вкупно 13 меѓусебни официјални натпревари (квалификации или настапи на ЕП и СП), а притоа Македонија впиша две победи едно реми и 10 порази, од кои два се во квалификации за СП, што само зборува за квалитетот на Унгарците, кои и на СП 2025 целат на висок пласман.
– Игравме против одлична репрезентација, тактички подготвена. Беше тешко да се игра 60 минути. Добро ги анализиравме и го покажавме тоа, но ни недостигаше малку среќа за да дојдеме до победа. Сепак, покажавме како се игра за Македонија, а нашата публика ни беше ветер во грбот во текот целиот меч. Следува дуелот со Холандија, посакувам само да го повториме овој натпревар и да се радуваме – рече капитенот, централниот бек Филип Кузмановски, кој со 10-те постигнати гола беше прогласен за играч на натпреварот.
Еден од јунаците на успехот беше и голманот Никола Митревски, кој со своите 13 одбрани, во голема мера придонесе за конечниот резултат.
– Ова е голем резултат за нас. Одигравме натпревар во одлична атмосфера, како да сме на домашен терен. Сакам да ѝ се заблагодарам на македонската публика. Нашата репрезентација е многу млада, па ова ќе биде мотивација плус за нашите играчи да веруваат во себе уште повеќе во следните дуели – рече Митревски.
За тоа дека беа блиску до поразот призна и селекторот на Унгарците, Шпанецот Чема Родригез.
– Очекувавме дека Македонија ќе биде тежок ривал, дека ќе биде многу неизвесно, бидејќи првите натпревари секогаш се комплицирани. Македонија одигра одлично, со добри напади, а голманот Митревски беше на високо ниво. Се извлековме, освоивме еден бод на овој натпревар оти во 99 од 100 дуели Македонија би победила. Нѐ ставија на сериозен тест, но во последните секунди згрешија. Имавме среќа – изјави Родригез.
Следен ривал на Македонија во рамките на второто коло е Холандија, која предводени од селекторот Штафан Олсон се смета за фаворит во овој натпревар, денеска, во 18 часот. „Лалињата“ се селекција во подем, која на СП настапила само двапати, во 1961 година, кога била 12-та, и на СП 2023 во Германија, кога го освои 14-то место. На ЕП има три настапи, и тоа три во низа од 2020 до 2024 година, кога ги освои 17-то, 10-то, односно 12-то место. Македонија одиграла само три официјални меча со Холандија, и тоа во претквалификациите за ЕП 1996, кога на гости загуби со 22-23, во Битола славеше со 33-27, а на последното СП 2023 беше поразена со 24-34. Во првото коло тие убедливо ја совладаа Гвинеја со 40-23 и без повредените Боби Шаген и Томас Хаутепен.
Во првото коло се случи и едно големо изненадување, откако Бразил славеше на дуелот со еден од кодомаќините на Мундијалот, репрезентацијата на Норвешка, со 29-26.
Кузмановски и Костески на врвот на две статистички категории
Со десетте постигнати гола капитенот Филип Кузмановски се најде на делба на првото место на листата на стрелците на Светското првенство (СП) за ракометари, кое се игра во Хрватска, Норвешка и во Данска. Исто толку гола постигнаа уште и Данецот Матијас Гидсел, Германецот Ренарс Ушчинс и Италијанецот Лео Прантнер. Кузмановски има и три асистенции, па заедно со Ушчинс го дели првото место за голови и асистенции заедно, по првото коло. На врвот на ранг-листа е и десното крило Ненад Костески, заедно со централниот бек од Данска, Томас Арнолдсен, во категоријата украдени топки, откако тоа го сторија по трипати. Г.И.
СП 2025, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ
Група А
Чешка – Швајцарија 17-17
Германија – Полска 35-28
Чешка – Полска 18 ч.
Швајцарија – Германија 20.30 ч.
Група Б
Италија – Тунис 32-25
Данска – Алжир 47-22
Италија – Алжир синоќа
Тунис – Данска синоќа
Група Ц
Франција – Катар 37-19
Австрија – Кувајт 37-26
Кувајт – Франција синоќа
Австрија – Катар синоќа
Група Д
Унгарија – Македонија 27-27
Холандија – Гвинеја 40-23
Холандија – Македонија 18 ч.
Гвинеја – Унгарија 20.30 ч.
Група Е
Португалија – САД 30-21
Норвешка – Бразил 26-29
Португалија – Бразил 18 ч.
САД – Норвешка 20.30 ч.
Група Ф
Шпанија – Чиле синоќа
Шведска – Јапонија синоќа
Шпанија – Јапонија утре, 18 ч.
Чиле – Шведска утре, 20.30 ч.
Група Г
Словенија – Куба синоќа
Исланд – Зеленортски О. синоќа
Зеленортски О. – Словенија утре, 18 ч.
Исланд – Куба утре, 20.30 ч.
Група Х
Египет – Аргентина 39-25
Хрватска – Бахреин 36-22
Бахреин – Египет 18 ч.
Хрватска – Аргентина 20.30 ч.