Ќе пробаме да се рехабилитираме во третиот меч со Швајцарија, која видовме дека одигра квалитетен натпревар со Франција. Ако имаме шанса да победиме некого во нашата група, тоа е Швајцарија. Но воопшто нема да биде лесно, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ДЕНЕСКА ИГРА СО ШВАЈЦАРИЈА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Имаме ден одмор и ќе пробаме да се рехабилитираме во третиот меч со Швајцарија, која видовме дека одигра квалитетен натпревар со Франција. Ќе се обидеме да влеземе фокусирани на натпреварот и да го дадеме најдоброто од нас и мислам дека ако имаме шанса да победиме некого во нашата група, тоа е Швајцарија. Но воопшто нема да биде лесно, рече македонскиот селектор Кирил Лазаров пред последниот меч на црвено-жолтите на 16. Европско првенство (ЕП) за ракометари во Германија, со Швајцарија, денеска (18 ч.), во Берлин.
Македонската репрезентација по поразот во првото коло од трикратниот европски првак Франција, го претрпе и вториот во групата А, од домаќинот Германија, со 25-34, во Берлин, и со тоа ги загуби шансите за пласман во следната рунда, каде што ќе се пласираат најдобрите две селекции од секоја од шесте групи.
– Не можам да бидам задоволен од она што го прикажавме против Германија. Имавме добри моменти, но и многу слаби, како и против Франција. Направивме над 15 технички грешки со дадена топка во рака на противникот, а потоа немавме ни простор ни време да поставиме одбрана. Лошо го почнавме натпреварот, потоа сето време пробувавме да воспоставиме играчка рамнотежа, но колку повеќе се трудевме и трошевме сила, тие знаеја да ни дадат и по четири гола во низа по наша техничка грешка. Покрај во одбраната, имавме многу проблеми и во нападот и затоа одвреме-навреме пробувавме со таа игра седум на шест, но во тој момент немавме друго решение. Понекогаш тоа дејствуваше добро, понекогаш не против ваков тип одбрани. Во овој момент Германците се за класа подобри од нас, видовме како се движат, шутираат, борат… И ние имавме светли моменти, видовме млади македонски ракометари, но треба да се работи многу – вели селекторот Кирил Лазаров.
Најефикасен во редовите на Македонија на тој меч беше десното крило Ненад Костески, со шест гола од седум обида, а кај Германците играчот на натпреварот, средниот бек Јури Кнор, со 10 гола од 12 шута. Македонија имаше 20, а Германија осум технички грешки.
– Ова беше дуел со многу квалитетна репрезентација, која е многу физички помоќна од нас, а ние треба многу да работиме ако сакаме да се носиме со вакви силни репрезентации. Но затоа, пак, многу може да се научи од нив. Треба да даваме повеќе фокус на деталите што ги разработуваме пред натпреварите гледајќи видеоматеријали. Иако имаше многу германска публика, нормално и македонската допре до нас и ни беше ветер во грбот. Очекувам добра и борбена игра со Швајцарија, да го дадеме максимумот, па ќе видиме… – рече младиот бек Марко Митев.
Германија обезбеди пласман понатаму, а мошне неизвесно ќе биде за вториот патник од групата А. Во следната групна фаза ќе игра Франција или Швајцарија, која четврти пат настапува на ЕП, но направи изненадување играјќи нерешено со „триколорите“ (26-26) во второто коло. Франција има три бода и денеска игра со Германија, а Швајцарија, која има еден бод, се среќава со Македонија.
Македонската репрезентација засега последната победа на ЕП ја забележа во 2020 година, против Украина (26-25). Оттогаш следуваа вкупно седум порази, на ЕП 2020 од Чешка (25-27) и од Австрија (28-32), на ЕП 2022 од Словенија (25-27), Црна Гора (24-28) и од Данска (21-31), а на ЕП 2024 од Франција (29-39) и од Германија (25-34). Г.И.


Атанасијевиќ на листата со најубави голови

И во второто коло на Европското првенство во ракомет во изборот на петте најубави гола на денот се најде македонски репрезентативец. Тоа е левото крило Петар Атанасијевиќ, кој на ефектен начин го совлада германскиот голман Давид Шпет, со што беше вреднуван на петтата позиција. Во првото коло, меѓу петте најдобри гола беше и погодокот на пикерот Милан Лазаревски, на дуелот со Франција. Најатрактивен гол во неделата е погодокот на Шпанецот Алекс Душебаев, втор е на Германецот Јулијан Костер, трет на Црногорецот Вуко Борозан, а четврти на Исланѓанецот Один тор Рикардсон.


СТАТИСТИКА ОД ЕП 2024

  • Врвни стрелци: Алеикс Гомез Абело (Шпанија), 84,2 отсто ефикасност) и Јури Кнор (Германија), 66,7 отсто
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија), 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Ловро Михиќ (Хрватска) и Дулан Нахи (Франција), по 30,92 км/ч.
  • Најмногу додавања: Елефсен Елијас Скипаготу (Ф. Острови), 542
  • Најголемо истрчано растојание: Бјорн Гудјонсон (Исланд), 9,6 км
  • Најмногу одбрани: Тобјорн Бергеруд (Норвешка), 24
  • Најмногу постигнати голови Шведска, 71
  • Најмногу примени голови Грузија, 76
  • Најдобра гол-разлика Шведска, плус 25

ПЛАСМАН ВО ВТОРАТА ФАЗА

ГРУПА 1
Група А Германија и Франција или Швајцарија
Група Б две од Хрватска, Австрија и Шпанија
Група Ц Унгарија и Исланд или Србија
ГРУПА 2
Група Д Словенија и Норвешка или Ф. Острови
Група Е Шведска и Холандија
Група Ф Данска и Португалија


ГРУПА А
Македонија – Германија 25-34
Швајцарија – Франција 26-26
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 61-39 4
Франција 2 1 1 0 66-55 3
Швајцарија 2 0 1 1 40-53 1
Македонија 2 0 0 2 54-73 0
Идно коло: Македонија – Швајцарија (18 ч.), Франција – Германија (20.30 ч.).

ГРУПА Б
Романија – Шпанија 24-36
Хрватска – Австрија 28-28
ТАБЕЛА
Хрватска 2 1 1 0 67-57 3
Австрија 2 1 1 0 59-52 3
Шпанија 2 1 0 1 65-63 2
Романија 2 0 0 2 48-67 0
Идно коло: Хрватска – Романија (18 ч.), Шпанија – Австрија (20.30 ч.).

ГРУПА Ц
Црна Гора – Исланд 30-31
Србија – Унгарија 27-28
ТАБЕЛА
Унгарија 2 2 0 0 54-51 4
Исланд 2 1 1 0 58-57 3
Србија 2 0 1 1 54-55 1
Црна Гора 2 0 0 2 54-57 0
Идно коло: Србија – Црна Гора (18 ч.), Исланд – Унгарија (20.30 ч.).

ГРУПА Д
Полска – Ф. Острови синоќа
Норвешка – Словенија синоќа
ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 64-54 4
Норвешка 2 1 1 0 58-47 3
Ф. Острови 2 0 1 1 55-58 1
Полска 2 0 0 2 46-64 0

ГРУПА Е
БиХ – Грузија синоќа
Холандија – Шведска синоќа
ТАБЕЛА
Шведска 2 2 0 0 71-46 4
Холандија 2 2 0 0 70-49 4
Грузија 2 0 0 2 55-76 0
БиХ 2 0 0 2 40-65 0

ГРУПА Ф
Чешка – Грција синоќа
Данска – Португалија синоќа
ТАБЕЛА
Данска 2 2 0 0 63-42 4
Португалија 2 2 0 0 61-51 4
Чешка 2 0 0 2 41-53 0
Грција 2 0 0 2 52-71 0