Фотографии: РФМ

Не сум задоволен ниту од резултатот, бидејќи загубивме со 10 гола разлика. Можеби пореално беше на крајот да биде шест, седум, осум разлика. Направивме премногу грешки кога играме против ваква селекција, вели Кирил Лазаров, селекторот на Македонија, по поразот на црвено-жолтите со 29-39 од олимпискиот првак Франција

РАКОМЕТ – ПО ПРВИОТ МЕЧ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Македонската машка ракометна репрезентација го претрпе 24-от пораз во 38-от натпревар на европските првенства, откако во својот осми настап на 16. ЕП во Германија, во воведниот меч во групата А, во Диселдорф, загуби од актуелниот олимписки шампион и трикратен европски првак Франција, со 29-39.
– Честитки за француската репрезентација, која заслужи да победи. Можеби игравме против најсилната европска селекција. Игравме добро, задоволен сум, но не е доволно да играте добро 40-45 минути. Не сум задоволен ниту од резултатот, бидејќи загубивме со 10 гола разлика. Можеби пореално беше на крајот да биде шест, седум, осум разлика. Направивме премногу грешки кога играме против ваква селекција. Моравме да играме „седум на шест“ многу подолго отколку што планирав и посакував. Имавме проблеми и загубени топки во „шест на шест“ и затоа моравме да се фокусираме на „седум на шест“, за да ја приближиме противничката зона поблиску до нејзиниот гол. Сега имаме време до недела да се подготвиме за следниот натпревар – изјави селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
Македонските ракометари успешно парираа само во првите 15 минути, кога имаа предност и од два гола, но потоа фаворизираната Франција направи целосен пресврт и до крајот на натпреварот со цврста одбрана и брзи контранапади постепено ја зголемуваше предноста. Дилан Нахи и Дика Мем одиграа клучна улога, постигнаа шест, односно седум гола, а играч на средбата беше Иго Деска со седум гола. Кај Македонците, пак, Жарко Пешевски постигна седум гола од осум шута, а Иван Џонов шест од седум обида. Голманот Никола Митревски впиша 10 одбрани од 43 удари (23,26 отсто успешност).
– Почнавме добро, можевме одлично да се одбраниме и да постигнуваме голови според планот што го поставивме. За жал, ја пропуштивме можноста да поведеме со три гола разлика и потоа направивме премногу грешки. И кога правите грешки против толку силна репрезентација, тогаш плаќате целосна цена – рече Митревски.
Францускиот селектор Гијом Жил, генерално, изрази задоволство од победата.
– Првиот натпревар на вакво натпреварување никогаш не е лесен за играње и тоа го видовме сега. На нашата одбрана ѝ требаше малку време да се приспособи на начинот на кој играше нашиот противник. Но, генерално, многу сум среќен, победивме со 10 разлика, можевме да им дадеме време за игра на сите играчи – рече Жил.
Следен противник на репрезентацијата на Македонија е двократниот европски шампион Германија (в недела, во Берлин, од 20.30 ч.), која исто така е голем фаворит пред своите гледачи.
Во вториот натпревар од групата А во средата, Германија лесно ја надигра Швајцарија, со 27-14, и со тоа ги впиша првите бодови на ЕП 2024. Победата беше толку убедлива што Швајцарците во првиот дел реализираа осум гола, а во вториот шест. Најдобар стрелец кај Германците беше Јури Кнор со шест погодока, а кај Швајцарците Лени Рубин реализира четири. За играч на натпреварот беше прогласен голманот Андреас Волф (13 одбрани од 22 шута, 59,09 отсто успешност). Следен противник на Швајцарија е Франција (в недела, 18 ч.). Само првите две селекции од секоја од шесте групи обезбедуваат пласман во следната групна фаза на ЕП 2024.


Лазаревски го постигна петтиот најатрактивен гол на првиот ден на ЕП

Одличен во таборот на македонската репрезентација беше пикерот Милан Лазаревски, кој натпреварот го заврши со четири гола, од кој еден беше вистинско ремек-дело, со што заслужено се најде во првите пет погодоци на почетокот на ЕП 2024, во избор на Европската ракометна федерација. Одлично проигран од бекот Филип Кузмановски, Лазаревски во лет, атрактивно ја затресе противничката мрежа на нешто повеќе од една минута пред крајот на мечот со Германија. Покрај Лазаревски, погодоци во врвните пет на денот има уште и Дилан Наи (Франција) како најубав, па следуваат Николас Реми (Швајцарија), Мелвин Ричардсон (Франција) и Јури Кнор (Германија).


Македонија влезе во ракометната историја

Репрезентацијата на Македонија ќе го памети воведниот натпревар со Франција на Европското првенство за ракометари и по еден рекорд со кој влезе во ракометната историја. Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека првиот дуел од ова ЕП во Германија помеѓу Македонија и Франција го следеле рекордни 53.586 гледачи. На стадионот во Диселдорф, кој е специјално преадаптиран за ова ЕП во ракомет, во финалните работи од 2 јануари годинава учествуваа 400.000 вработени лица, искористени се 25 км кабли, а 72 грејни тела ја затоплуваат арената висока 80 метри, кои, пак, обезбедуваат температура од 22 до 23 степени на теренот. Стариот рекорд за посетеност на ракометен меч е поставен на германски фудбалски стадион, кога 44.189 луѓе присуствуваа на мечот Левен – Хамбург во арената во Франкфурт пред 10 години.


ЕП 2024, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ

ГРУПА А
Франција – Македонија 39-29
Германија – Швајцарија 27-14
Идно коло (недела): Швајцарија – Франција (18 ч.), Македонија – Германија (20.30 ч.).

ДЕНЕСКА НА ЕП
ГРУПА Б
Австрија – Романија 18 ч.
Шпанија – Хрватска 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Исланд – Србија 18 ч.
Унгарија – Црна Гора 20.30 ч.

Синоќа играа: Словенија – Фарски Острови, Норвешка – Полска (група Д), Холандија – Грузија, Шведска – БиХ (група Е), Португалија – Грција, Данска – Чешка (група Ф).


Меч без жолт картон и без ниту едно исклучување

Натпреварот Македонија – Франција во првото коло од групата А на Европското првенство за ракометари ќе биде запаметен и по фактот што во текот на сите 60 минути немаше ниту едно исклучување од две минути на двете страни, ниту, пак, на некој играч од двете селекции му беше покажан жолт картон. Тоа е многу тешко да се види некаде, а особено на вакви големи и значајни натпревари, каде што борбеноста и цврстината на одбраната во текот на сите 60 минути се на мошне високо ниво. Г.И.