Фото: ЕПА

Тој забележа 18 поени и 10 асистенции во новата победа на Париз. По 14 кола во Еврокупот сезонава, Шортс е водечки асистент и кошаркар со реализирани удари за два поена, втор според просекот на поени по меч, трет според просекот на индекс-поени и петти според украдените топки

КОШАРКА

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс го забележа третиот т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории) во кошаркарскиот Еврокуп сезонава, во победата на Париз (Франција) дома на дуелот со Прометеј (Украина) со 93-72, во меч од 14. коло. Тој забележа 18 поени и 10 асистенции, а имаше и три скока, две украдени топки… за вкупно 27 индекс-поени.
Париз, кој води во групата А со 13 победи и еден пораз, од претходно обезбеди пласман во следната рунда на натпреварувањето, но со победата во 14. коло сега е на еден триумф во следните четири кола до обезбедување директен пласман во четврт-финалето.
Меѓу осумте најдобри екипи во Еврокупот сезонава ќе се пласираат првите два тима од двете групи, а следните четири клуба од двете групи прво ќе играат во осминафиналето. Финалистите на Еврокупот ќе добијат право во следната сезона да настапат во Евролигата, најсилното клупско кошаркарско натпреварување во Европа.
Шортс, кој во досегашниот дел од сезоната трипати беше избиран за најкорисен кошаркар (МВП) на колото, по 14 натпревари е водечки кошаркар во две статистички категории во Еврокупот, и тоа меѓу асистентите, со просек од 7,4 асистенции по натпревар, и меѓу кошаркарите, со реализирани удари за два поена, со 6,3 по меч.
Македонскиот кошаркарски репрезентативец е и втор според просекот на поени по натпревар, со 17,7, трет според просекот на индекс-поени, со 21,9, и петти според украдените топки, со две.
Во минатата сезона Шортс со германскиот прволигаш Бон ја освои титулата во Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и беше избран за МВП на регуларниот дел од сезоната и на фајналфор-турнирот. Н.М.


СТАТИСТИКАТА НА ТИ ЏЕЈ ШОРТС

КАТЕГОРИЈА 14. КОЛО СЕЗОНАВА
поени 18 17,7 (2)
асистенции 10 7,4 (1)
украдени топки 2 2 (5)
погодни удари за два 7 6,3 (1)
индекс-поени 27 21,9 (3)
во заградата е пласманот на ранг-листите во соодветната категорија сезонава во Еврокупот

Извор: Еврокуп