Одлучено е во групната фаза сите мечеви од последното коло од една група да се играат во ист ден, за репрезентациите беа одобрени неколку предлози во врска со измените на регулативите за европските првенства, кои, меѓу другото, го допираат и справувањето со случаите на повреди и употребата на дигитални технологии, а беа истакнати и две промени во правилата
РАКОМЕТ
Извршниот комитет (ИК) на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се состана во Виена на својот прв собир годинава, на кој беа донесени неколку клучни одлуки за обликување на сезоната 2025/2026, пишува ЕХФ. Неколку предлози поднесени до ИК се однесуваа на клупските натпреварувања во сезоната 2025/2026. Како директен резултат на придонесите добиени на конференцијата за натпреварувања неколку дена претходно, ИК потврди дека ќе бидат преземени мерки во Лигата на шампионите (ЛШ) за да се осигури дека клубовите ги исполнуваат финансиските услови што ќе обезбедат нивно распоредување во натпреварувањето за целата сезона, пишува ЕХФ. Исто така, беше потврден предлогот што дополнително дефинира посебен квалификациски пат до Европската лига (ЕЛ). Иако оваа патека досега беше отворена само за шампионите без место (од распределбата на местата на ЕХФ) во ЛШ и во ЕЛ, ова сега е отворено така што и второрангираните тимови од националната лига можат да побараат префрлање од Европскиот куп (ЕК) во ЕЛ ако шампионите не го користат. И покрај одлуката, специјалниот квалификациски пат останува отворен најмногу за еден тим по федерација, пишува ЕХФ.
Одлучено е и во групната фаза сите натпревари од последното коло од една група да се играат во ист ден, а ЕХФ има право да го приспособи времето на почеток за тоа коло. ЕК исто така потврди дека одлуката за зголемување на минималниот капацитет на салите за играње во ЛШ се одложува до понатамошно известување. За репрезентациите, ИК дискутираше и одобри неколку предлози во врска со измените на регулативите за европските првенства, кои, меѓу другото, го допираат и справувањето со случаите на повреди и употребата на дигитални технологии. Беа истакнати и две промени во правилата, па, така, ударот во глава на голман од пенал повеќе не е директно исклучување (црвен картон), туку исклучување од две минути, а од новата сезона се дозволени до пет функционери на клупата, пишува ЕХФ. Н.М.