Фото: РФМ

За тоа како ја доживеаја на спортски план 2024 година, но и што очекуваат во годината што следува, „Нова Македонија“ направи мини-анкета со познати македонски спортисти, тренери и селектори од повеќе спортови

Уште една спортска година полека изминува, проткаена со многубројни учества на македонски поединечни, клупски и репрезентативни настани на многу меѓународни турнири, европски (ЕП) и светски првенства (СП), но и на Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Париз, кои дефинитивно ја обележаа годинава. За некого успешна со освоени медали што гордо блескаа на градите, за некого помалку успешна, но и со верба дека следниот настап ќе биде многу подобар. За тоа како ја доживеаја на спортски план изминатава 2024 година, но и што очекуваат во годината што следува, „Нова Македонија“ направи мини-анкета во која беа вклучени познати македонски спортисти, тренери и селектори од повеќе спортови.
– Борче Костовски, селектор на таеквондо-репрезентацијата на Македонија: Оваа 2024 година не беше како што очекувавме. Не успеавме да обезбедиме норма за ЛОИ и, за жал, останавме на дното на олимписките остварувања во нашиот регион, без норма и медал. Само БиХ и Црна Гора се во наше друштво. Како мала светлина ги ставам одблесоците на Г1 – медалите на Георгиевски и на Рељиќ, кои во континуитет ги освојуваат. Потоа добрата јуниорска и кадетска екипа, која освои медали од Е1-серијата, но без ефектуирање на СП за јуниори во Кореја. Сепак, како најголем блесок и најзначаен медал годинава ни доаѓа од кадетот Теодор Стојановски, кој освои сребро на ЕП и е резултат што отвора реални олимписки можности во иднина. Моја желба како тренер, кој е постојано со спортистите, секако е тие прво да се здрави и живи, а секако и да се трудат да бидат во самиот врв на својот спорт.
– Никола Ѓоргиев, одбојкар: Изминатата 2024 година за мене беше многу успешна. Не како 2023-та, која беше историска, но среќен сум, бидејќи освоивме клупска титула во Словенија и имав одлична полусезона на индивидуален план во Турција. Но екипно не успеавме да го оствариме тоа што ми беше зацртано пред да дојдам. Со репрезентацијата жалам за натпреварот и поразот од Грција, но искрено и со бога напред, едвај го чекам реваншот. Прв поентер во Европската златна лига е одлично постигнување за мене, оти е остварено на 36 години, а одиграв и повеќе од 50 натпревари без повреди. Тоа е она што ме прави најгорд и најсреќен. Најголема желба во 2025 година е јас и моето семејството да бидеме здрави и живи, а на спортски план да се пласираме на ЕП 2026 и да имаме подобра Златна лига од 2024-та. На клупски план да одиграм здрава, убава сезона и сакам да продолжам со одлични натпревари, да останам во најдобрите пет лиги за следната година или да одам во некоја нова земја, каде што досега не сум играл и да се борам за златен медал.

– Игор Паскоски, селектор на кадетската џудо-репрезентација: Изминатата 2024 година беше најуспешната за мене како тренер на ЏК Миоки и селектор на кадетската репрезентација, но и за ЏФМ, по успесите од 2018-та, кога освоивме бронзен европски медал. Успесите ги најави Ива Богдановска со освојувањето сребро на Континенталниот куп во Тунис, а дека е најуспешна џудистка во државата потврди со среброто на Балканијадата за кадети и бронзата од Балканијадата за јуниори. Најголемо изненадување приреди Борјана Поп-Атанасова, која освои бронза на Европскиот куп за јуниори во Скопје. Годината ја заокружи Сергеј Димитриоски од клубот Пролетер со бронза на Балканијадата за млади сениори, па од вкупно пет резултати на натпреварите од повисок ранг, четири ги остварија мои ученици од Миоки. Како круна на успехот беше пласманот на Миоки на првата позиција на бодовната листа на ЏФМ. Морам да го спомнам и успешно организираниот меѓународен турнир „Миоки Опен“, кој беше еден од најсилните и најмасовни на овие простори. За 2025 година како селектор немам преголеми очекувања, оти следува смена на генерации и потребен е временски период на адаптација за новите генерации, но не би ја исклучил можноста за освојување медал од БП или од некој континентален куп. Како тренер на Миоки очекувам добар настап, континуитет и успешни резултати на врвните натпревари, а моја лична желба е да се постигне нешто што досега не е остварено, а тоа е моите џудисти да ме израдуваат барем со по еден медал во сите возрасни групи на врвни џудо-натпревари.

– Мартин Серафимов, ракометар: На спортски план 2024 година ми е најуспешна досега. Со РК Алкалоид го освоивме првиот трофеј, во домашниот Куп, а потоа и во Суперкупот. Алкалоид ќе „презими“ на првото место на полусезоната, што е добар предуслов за понатамошниот тек на првенството. Во Купот на ЕХФ обезбедивме учество за пролетните мечеви. Успех е и обезбеденото учество на СП со репрезентацијата за задржување на континуитетот на присутност на Македонија на големите настани. Во 2025 година посакувам да одиграме квалитетно на СП и да го подобриме пласманот од претходните учества, бидејќи сметам дека оваа генерација може да го направи тоа. На клупски план да продолжиме во ист ритам и во вториот дел од првенството, а ако ни се укаже можност, и борба за титулата. Купот на ЕХФ ќе биде посебен предизвик и со нетрпение ги очекуваме мечевите. На сите граѓани на Македонија им ја честитам новата 2025 година, а ние како репрезентација на Македонија ќе дадеме сѐ од себе да ги израдуваме во јануари.
– Дејан Георгиевски, таеквондист: Оваа 2024 година помина солидно, иако не успеавме да фатиме норма за ЛОИ. Но потоа се закитивме со неколку медали и веќе имаме некоја позиција за новата норма, за ЛОИ 2028. Моја лична желба во 2025 година е, пред сѐ, да бидеме сите во добро здравје, а на спортски план да донесам медал од светското првенство.
– Александар Кузмановски, селектор на сениорската карате-репрезентација: Изминатава 2024 година ја оценувам како успешна во делот на Карате-федерацијата на Македонија поради фактот што македонското карате е побогато со четири медали од официјални европски, светски и медитерански карате-првенства. На ЕП за младинци Витомир Трајковски освои сребро, на ЕП за сениори Михаела Мишовска сребро, на СП за младинци Стефан Стојановиќ беше трет, а на Медитеранските игри (МИ) Мишовска беше трета. Искрено јас и цела македонска карате-јавност очекуваше да бидеме освојувачи на еден од оскарите. На клупски план сѐ беше супер, посакувам и 2025 година да биде приближно иста како и лани, во која Вероника Костовска беше трета на сениорската Серија А, Мишовска беше втора на сениорско ЕП, а трета на МИ. Во 2025 година нѐ очекуваат нови докажувања, борби и искушенија, а почнуваме уште од јануари со сениорите во Серија А, потоа Премиер-лигата, па младинското ЕП.
– Младен Донковски, куглар: Годинава беше најуспешна за мене на спортски план. Во домашното првенство освоив сѐ што може да освои куглар во Македонија на поединечен план. А тука е и екипната двојна круна со мојот клуб Макпетрол. Сакам 2025 година да биде поуспешна на меѓународен план од сите претходни, а со репрезентацијата на СП поминување на групата и среќа во елиминациската фаза. Се разбира, и да го подобрам личниот рекорд од 694 соборени кегли.
– Филип Панчевски, шахист: Задоволен сум од годинава. Играв на неколку турнири во Македонија и во странство. Во 2025 година посакувам да продолжам со исто темпо и да ја освојам титулата шаховски велемајстор. На сите граѓани на Македонија им посакувам среќна нова 2025 година.
– Бранимир Јовановски, селектор на македонските параолимписки стрелачи: Изминатава 2024 година, спортски гледано, беше исклучително значајна во која се одржаа ЛОИ и ПОИ во Париз. Година во која спортистите ги завршуваа квалификациите за учество на Игрите и стрепеа во миговите на настап.

Слично беше и во таборот на параолимпијците. Александар Јовановски со срце се бореше до последен момент за освојување на една од преостанатите квоти, но, за жал, не успеа. Оливера Наковска-Бикова повторно нижеше успеси и медали на првенствата на кои настапи пред ПОИ. Особено значаен беше гранпри-натпреварот во Нови Сад, каде што освои злато, со воздушен пиштол (575 круга), само пет помалку од светскиот рекорд. Потоа настапи на ПОИ во три дисциплини, од кои во две влезе во финалето и освои две осми места. Во 2025 година почнува нов олимписки циклус, со нови надежи, желби, предвидувања, со нова магија. Пред спортистите стојат нови предизвици, а пред нас тренерите постојано искушение што уште да примениме во нивниот тренажен процес, за да ги подобриме нивните спортски перформанси и постигнувања. На спортски план нѐ очекува малку порелаксирана година, оти уште не се почнати квалификациите за следните ЛОИ и ПОИ во 2028 година, но самите настапи на светските купови и на европските и на светските првенства, се предизвик сами по себе. Очекувам спортистите успешно да го продолжат својот спортски пат и постојано да ги радуваат љубителите на спортот во нашата држава со нови медали и титули. Нека ни е среќна и бериќетна новата 2025 година.
– Емил Павлов, каратист: Изминатата 2024 година за мене помина добро. Не беше како изминатите години, но имав неколку забележителни настапи. Го продолжив континуитетот на освојување први места на државните првенства, бев бронзен на Балканијадата, освоив и екипна бронза со репрезентацијата на Македонија. Потоа на ЕП во екипниот дел го освоивме седмото место и се пласиравме на Светскиот куп меѓу најдобрите 20 репрезентации во светот. Во новата 2025 година на спортски план моја лична желба е да освојам медал од големите натпреварувања, како европско или светско првенство. Г.И.