Фото: ИХФ

Ракометарките на Франција се новиот светски првак, откако во финалето на Мундијалот ја совлада селекцијата на Норвешка со 31-28.

За „триколорите“ ова трето злато на Светските првенства, до истото дојде заслужено бидејќи одиграа перфектно без пораз во текот на целиот турнир.

Финалето ги оправда очекувањата, видовме брз ракомет, со мајстории на двете страни. Норвешка беше поубедлива на стартот имаше позитива од два гола (5-7, 7-9). Франција нешто подоцна со два гола во низа поведе со 15-13, а потоа дојде на 17-14. И тука не застана, успеа да дојде на плус четири (19-15 и 20-16), а на полувреме замина со предност од три гола (20-17).

Во вториот дел Франција ја имаше контролата на резултатот со тоа што норвешките ракометарки успеаја да ја симнат предноста од четири гола и да дојдат на минус еден (26-25). На стартот на последните десет минути Норвешка промаши напад за минус еден со играч повеќе, а потоа и загуби две топки, по што Французинките поведоа со 29-25 во 53 минута.

Норвежанките се разбудија, па со два гола во низа намалија на 29-27, но Франција не дозволи изненадување, па славеше заслужена победа со 31-28.